Католиците денеска слават Велигден
На литургијата присуствуваа ограничен број верници, а поради пандемијата со Ковид-19, се одржа под посебни протоколи, според мерките за заштита.

Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник, Воскресението Христово-Велигден. Синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје се одржа Воскресна света литургија. Ја служеше бискупот скопски и епарх струмичко- скопски Киро Стојанов. На литургијата присуствуваа ограничен број верници, а поради пандемијата со Ковид-19, се одржа под посебни протоколи, според мерките за заштита.
Честитки до верниците што го слават Велигден според Грегоријанскиот календар од државниот врв и политички партии. Токму Велигден е празникот на надежта, кој ги слави животот и Христовата победа над смртта. Сплотени, солидарни и одговорни да ги надминеме страдањето и стравот, и да излеземе како победници во борбата со подмолниот вирус, стои во честитката од претседателот Пендаровски.
Во овие драматични мигови за човештвото, Велигден нѐ поттикнува да се преиспитаме, да создаваме добри дела и да покажеме разбирање еден со друг, да бидеме љубезни во кругот на нашите семејства, меѓу соседите и пријателите и севкупно во нашата држава, вели во честитката премиерот Заев.
Повеќе од кога било до сега ни е потребно заедништво и солидарност. Да се спротивставиме на злото и да си помагаме. Можеме да победиме ако сме свесни за потребата од заедништво и менување на работите. Да го победиме вирусот и да продолжиме нормално со животот, вели во честитката до верниците лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
