Состојбата со Ковид-19 критична, последни подготовки за масовната имунизација
Министерството за здравство алармира дека состојбата со Ковид-19 е критична, но смирува граѓаните да не се грижат. Се обезбедуваат дополнителни болнички капацитети. Во А1 арената, спортски центар „Борис Трајковски“ дезинфекција на просторот како последна подготовка во пресрет на утрешниот старт на имунизацијата...

Последни подготовки во спортската сала „Борис Трајковски“ во пресрет на масовната имунизација, која што треба да почне в понеделник. Од Министерството за здравство информираат дека во А1 арената, во текот на денот се врши комплетна дезинфекција на сите пунктови и места кои ќе се користат.
Со руската вакцина „Спутник В“ се планира да бидат имунизирани граѓаните од критичната инфраструктура- полицијата, војската, медиумите, вработените во градинките. Според надлежните, во наредниот период доколку има потреба во пунктот ќе се врши и ревакцинација на оние кои се вакцинираа надвор од земјава.
Со 20.000 дози руски вакцини „Спутник В“ што ги донираше Србија, ќе започне масовната имунизација. За првиот ден се закажани 3.000 термини, а вакцинацијата ќе се одвива на 48 пункта.
Во саботата беше направена симулација како ќе се одвива вакцинацијата и како ќе се координира целиот процес. Местата за прием, вакцинирањето, пунктовите каде што ќе се издаваат потврди со термините за ревакцинација.
Тим од 20 медицински сестри и пет доктори ќе работатат во две смени. Ќе бидат ангажирани и вработени од Министерството за здравство, здравствените домови и Институтот за јавно здравје. Според надлежните, имунизацијата ќе се одвива седум дена во неделата.
Имунизацијата на населението започна со вакцините на „АстраЗенека“ за лицата над 77 години.
Дијана Ценевска
