Фудбал

Осумте величествени

20.03.2014 11:52

Октет составен од величини, без „натрапник“ од средната фудбалска класа...

Три седмици се формираше ¼ финалниот мозаик од Лигата на шампионите. Последните две скапоцени камчиња беа поставени синоќа. Баерн Минхен, Барселона, Реал Мадрид, Челзи, ПСЖ, Атлетико Мадрид ...колоритно друштво на кое штому се придружија Борусија Дортмунд и Манчестер Јунајтед. Октет составен од  величини, без „натрапник“ од средната фудбалска класа.

Најтешко до ова рамниште стигна Манчестер Јунајтед.Фамозна спортска приказна беше испишана на Олд Трафорд.Создадена од  голгетерската моќ на Робин фан Перси, од несовладливоста на Давид Де Хеа,со силата на Вејн Руни и харизмата на Рајан Гигс.  Манчестер Јунајтед играше добро и ги искова исклучителните 3:0.Но, имаше и среќна ѕвезда над Олд Трафорд која што ги  сочува  „црвените ѓаволи“, а уште повеќе нивниот тренер Дејвид Мојеспред  налетите и заканите на силниот Олимпијакос.

Другите седум дуели  беа главно со предвидлив епилог по првите 90 минути. Реал Мадрид со разурнувачка сила, со 6:1 и 3:1 го елиминира Шалке.. По две победи остварија Барселона над Манчестер Сити, Атлетико над  Милан, ПСЖ  против  Баер Леверкузен. Без поголема неизвесност минаа и дуелите Баерн Минхен –Арсенал, Челзи- Галатасарај и Борусија Дортмунд- Зенит.Дваесет и три европски шампионски ѕвездички се украс на  дресовите на  шест од осумте тимови во ¼ финалето.Само Атлетико Мадрид и ПСЖ се без  титула, но со играчкиот потенцијал во моментов  рамноправно ќе јуришаат на блескавиот трофеј.Утре на ждрепката во Нион ќе се измешаат осумте кугли со трите шпански исчекувања, по двете англиски и германски и единствената француска надеж. Сеедно каков ќе биде исходот, тоа ќе биде ¼ финален судир на фудбалски гиганти.