Камерна приказна во Филхармонија
Како солисти ќе настапат Елена Дојчиновска (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа). Диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Kончерто да камера за флејта и англиски рог од Онегер и Камерна симфонија оп. 73а од Шостакович (арр. Р. Баршаи).

„Камерна приказна“ е насловен концертот кој ќе се одржи в четврток во 19 часот, на кој како солисти ќе настапат Елена Дојчиновска (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа). Диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Kончерто да камера за флејта и англиски рог од Онегер и Камерна симфонија оп. 73а од Шостакович (арр. Р. Баршаи).
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Во изминатите години, бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холандија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум, и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва.
Елена Дојчинова е вработена како прва флејта во НУ Филхармонија на Република Северна Македонија. Со својот лиричен израз и виртуозност се вбројува помеѓу најталентираните флејтисти во нашата држава. Родена е во Кочани каде што го завршува основното музичко образование кај проф. Елена Мирасчиева. Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје во класата на проф. Радмила Попоска, а дипломира во 2014 година во класата на проф. Страшо Темков на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Владимир Лазаревски свири обоа од својата петнаесетта година. Дипломирал и магистрирал во 2003 година на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Бугарија, во класата на проф. Георги Желјазов. Една година подоцна заминува на двегодишна специјализација во Бостон, САД, како стипендист на музичката академија „Лонџи“ под менторство на обоистите на Бостонскиот симфониски оркестар Вејн Рејпиер и Марк Мекеван. По враќањето од САД, ја продолжува својата академска наобразба на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ и во февруари 2013 година станува доктор на музички науки и музичка уметност од областа на камерната музика и обоата.
Лазаревски е лауреат на меѓународниот музички натпревар „Алегро виво“ во Австрија (2002), како и на „Земјата и луѓето“ во Бугарија (2001). Добитник е и на државни награди за обоа и камерна музика.
