Истанбул

Опојната магија на ориентот

02.04.2021 13:41

Древноста и пластовите на минатото се исчитуваат насекаде во овој фасцинантен, денес модерен и најголем град во Турција во кој живеат 15 милиони жители. Поделен е на 39 населби, во кои се забележува различното секојдневие кое се одвива помеѓу древната историја и природната убавина.

Ориентот од секогаш бил инспирација за поетите и за патеписците, магичен простор кој го опевале во своите дела. Истанбул, како круна и симбол на точката на која се спојуваат истокот и западот, восхитува и зрачи со својата бесмртност и вечност. Неслучајно Наполеон Бонапарта рекол: „Доколку во светот имаше една држава, нејзин главен град ќе беше Истанбул.“

Древноста и пластовите на минатото се исчитуваат насекаде во овој фасцинантен, денес модерен и најголем град во Турција во кој живеат 15 милиони жители. Поделен е на 39 населби, во кои се забележува различното секојдневие кое се одвива помеѓу древната историја и природната убавина.

Мешавината од локалното население и туристите низ преполните улици, претставува мозаик од култури, нации и религии, создавајќи ја посебноста на овој град. Во него се вткаени автентичвото богатство на Турција, но и шареноликоста на светот.

Пред посетителите се отвора еден целосно фасцинантен свет од 8.500 години историја, кој бил главен град на три империи, во кој има пет империјални палати, 78 јавни и приватни музеи, четири пазари кои имаат вековна историја, но и 56 универзитети, 114 модерни шопинг молови и 10 милиони посетители годишно.

Низ историјата, Истанбул бил место каде се менувале различни цивилизации, трансформирајќи го овој град во голема мултикултурна метропола во која се ценат и се почитуваат различностите.

Денес, после искуството со затворањето предизвикано од пандемијата, Истанбул е подготвен да понуди добредојде на што поголем број гости од светот, нудејќи разновидни искуства од областа на природата, културата и историјата.

Билјана Жеревска