Непроценливото богатство на Истанбул
На која страна и да се свртите, Истанбул ве маѓепсува, ве опива и ве освојува, колку и да се обидувате, овој град никогаш не може да биде докрај истражен...
Неброено многу посетители низ вековите останале восхитени од убавината на Истанбул, каде слој по слој пред посетителите се отвора историјата. Како ли странците, оние кои доаѓаат од многу далечни и од културолошки поинакви средини, ги доживуваат мирисите, вкусовите и боите на овој нестварно убав град?
Главниот препознатлив знак на градот на два континента е „Кулата на слугинката“, која лебдејќи над Босфорот, уште од времето на Византија, ја раскажува легендата за несреќната слугинка. Сакајќи да ја заштити својата ќерка од претскажаната зла судбина, дека ќе биде касната од отровна змија, императорот Константин ја изградил оваа неверојатна градба за да ја заштити принцезата. Но, според преданијата, пророштвото се остварило, бидејќи принцезата ја каснала змија која излегла од корпата со грозје.
Дали било така, или тоа е само една убаво предание, не знаеме, но со сигурност може да кажеме дека оваа кула совршено се вклопува во амбиентот, поврзувајќи ги вековите и генерациите, силно пркосејќи му на времето.
Обвиткан со ѕидини за кои се раскажува дека ги изградиле ангелите, Истанбул крие непроценливи драгоцености. Палатата „Топкапи“, срцето на Отоманската империја, која со векови била резиденција на султаните и нивните хареми, од 1924 година е музеј во кој има 86.000 антиквитети и чија раскош ги водушевува посетителите.
Во близина на „Топкапи“, совршено дизајнирана и вклопена во просторот, се извишува „Св.Софија“, која од 537-та година им пркоси на милениумите. Според Министерството за Туризам и култура на Турција, се уште е најпосетена туристичка атракција во градот.
Спојувајќи ги старото и новото, познаната улица Истиклал, позната во минатото како Големата авенија на Пера, постојано идинамично вибрира од речиси три милиони посетители во текот на годината. Лоцирана во историската населба Бејоглу, опкружена со неокласични градби, ова елегантно шеталиште изобилува со бутици, ресторани, книжарници, галерии, ноќни клубови...се што може да замислите и да посакате, може да се најде на улицата Истиклал. Шетајќи по оваа авенијасо космополитска атмосфера, која ги спојува познатата кула Галата и плоштадот Таксим, се создаваат незаборавни и незаменливи спомени.
На која страна и да се свртите, Истанбул ве маѓепсува, ве опива и ве освојува, колку и да се обидувате, овој град никогаш не може да биде докрај истражен, она што може да го направат посетителите, е да уловат во спомените само еден мал дел од богатата историја, преубавата природа и огромната актуелна туристичка понуда.
Билјана Жеревска