Мијалков во Лондон не договарал набавка на опрема за УБК, тврди неговата одбрана
„Не е точно дека Мијалков од 7.7.2010 – 9.7.2010 во Лондон договарал со компанијата ГАМА за било каква опрема на УБК при МВР. Целото обвинение е конструкција“, изјави адвокатот Петар Василев.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, првообвинет во „Трезор“, во Лондон не договарал набавка на опрема за потребите на УБК, тврди одбраната. Во завршните зборови неговите адвокати посочија дека целото обвинение е конструкција.
„Не е точно дека Мијалков од 7.7.2010 – 9.7.2010 во Лондон договарал со компанијата ГАМА за било каква опрема на УБК при МВР. Целото обвинение е конструкција“, изјави адвокатот Петар Василев.
Во скопскиот Кривичнен суд во тек се завршните зборови од страна на адвокатите на обвинетите во случајот „Трезор“, каде првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник- министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски.
Тројца се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски за помагање.
Во завршниот збор, Обвинителството, рече дека наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од Буџетот на државата. Според обвинението во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра.
