Најскапата работа- довербата тешко се стекнува, но лесно се губи

05.04.2021 13:33

Велат животот и довербата еднаш се губат. Довербата е како нежно стакло, кога ќе се скрши никогаш повеќе нема да биде исто. Потребни се многу вистини за да се стекне довербата, но само една лага за да се изгуби...

Комуникацијата меѓу луѓето е заснована на меѓусебна доверба. Секако дека никогаш со целосна сигурност не може да кажеме дека другата личност ја кажала вистината за своите намери. Затоа силната доверба е карактеристична за односите со нам блиските луѓе кои сами ги избираме и кои што докажале дека може да им се верува. Ако довербата има за цел да ни помогне да оствариме блискост со другите луѓе, сомневањето не прави подготвени да излеземе од неповолната ситуација, за да се заштитиме.

Сомневањето почнува таму каде што лежи нашето уверување дека на никого не треба да му се верува, при средбата со луѓе кои делуваат злонамерно, како да имаат скриен мотив  за да не лажат. Бидејќи таквите луѓе често осмислуваат планови како да не оштетат, сомнежот има заштитна улогата . Зрелата личност разбира дека во светот постојат добронамерни и злонамерни луѓе и успева да ги разликува, а тоа му помага во односите со луѓето.

Важно е и ние да станеме личност на која другите ќе и веруваат. Како се станува таква личност? Тесно поврзани  со добербата се чесноста и искреноста. Мора да се биде човек од збор,  да се исполни ветеното, кажаното, да се биде доследен на своите зборови и дела. Мора да сторите се, колку и да е тоа тешко, за да го исполните кажаното. Тогаш ќе ја заслужите и довербата и почитта од луѓето, било да ви се деца, родители, пријатели, или колеги и работодавачи.  Тие ќе знаат дека може да ви веруваат и ќе ве почитуваат.

За да се здобиете со довербата од другите луѓе, треба да го почитувате и нивното време. Никогаш не доцнете на закажаните состаноци, дали на работа или во приватниот живот. Сите изговори за постојано доцнење се само  расклатување на довербата и укажуваат на непочитување, освен кога имаат оправданост во навистина исклучителни ситуации.

Чувањето на тајна која ви е доверена е исто така важно дали ќе заслужите нечија доверба. Довербата е интимен однос- што поголема доверба, тоа поголема блискост. Знаете многу за личноста, било партнер или пријател, ви ги доверува најдлабоките чувства и тајни, кои не сака да ги сподели со другите. Ако не ја испочитувате оваа доверена блискост, тука е крајот на довербата која е темел на блиската релација.

Важно е да бидеме вистинољубиви и скрени со блиските луѓе. Во лице треба да им кажеме што мислиме, да им укажеме на нивните маани, Ако има искрено пријателство ќе го цени вашето мислење. Луѓето што се однесуваат секогаш љубезно, се согласуваат со се и слаткоречиво го подржуваат однесувањето на пријателот, а искрено не мислат дека е така, не заслужуваат доверба. Луѓето сакаат да се  опкружени со полтрони, но, не им веруваат, дури се гадат од нив, иако тоа не им го покажуваат директно. 

За довербата важна е верноста. Мора да им бидете верни на блиските луѓе во секој поглед. Треба да ги браните и кога некој ги критикува или напаѓа вашите  пријатели или партнерот и кога знаете дека не се во право. Но потоа насамо укажете им дека згрешиле, дека не се во право. Бранете ги пред другите, а казенете ги насамо. Тоа ќе подразбира дека ќе мора да се групирате, но тоа е реалноста, неутралноста е заблуда.

За довербата е важно да превземате одговорност за своите дела и зборови. Признајте ги своите грешки, колку и да е болно. Никој не е безгрешен. Грешките се признаваат само на навистина блиски луѓе. Но внимавајте, признавањето грешка пред луѓе кои немаат добри намери кон вас, не е добар потег.

За доверба е потребно да комуницирате и со оние што ви згрешиле или ви се антипатични. Дозволете им да ги изнесат своите мисли и факти. Така ќе дознаете многу, на пример зошто некој бил непријатен кон вас. Можеби не е виновен, или нешто му се случува во животот, што го тера на одредено однесување. Ваквите разговори, со не толку блиски луѓе, создаваат некој вид доверлива врска, а тоа е многу важно.

На крајот најважно од се е и вие да имате доверба во другите луѓе, што всушност е и најтешко. Во една блиска врска потребна е обострана искреност, така ќе бидете опкружени со луѓе кои вам ви веруваат и вие им верувате. 

Функцијата на сомнежот е заштита, затоа што таа ја разграничува вистината од невистината, веројатното, од неверојатното. Основите за неизбалансираност на доверба и недоверба се во најраното детство, зашто родителите биле недоследни во своите зборови и дела. Децата со такво искуство може да станат претерано сомничави или пак наивни.

Кога сомнежот е здрав, тогаш тоа е доказ за интелигенција, но кога е претеран ги отвора вратите на страдањето.

Тренинзите за емоционална писменост и советувањата се начин да станете свесни за своите несвесни процеси и да го унапредите квалитетот на животот.

Соња Стојановска