Охрид

Сѐ поголем бројот на млади лица заболени од Ковид-19

05.04.2021 14:16

Состојбата со коронакризата во Охрид е сложена. Бројот на заразени и хоспитализирани граѓани постојано се зголемува. Поради тоа во општата болница се ослободуваат дополнителни оддели за да можат да се згрижат лицата заболени од Ковид-19. Лекарите се загрижени поради тоа што сѐ поголем број од пациентите се млади лица, од кои дел се со тешка клиничка слика.

Пандемијата во Охрид не стивнува. Во Општата болница се хоспитализирани 110 лица, има околу 800 активни случаи, а вчера починаа 4 лица од кои најмладиот пациент имаше само 28 години. Најголемиот број од хоспитализираните се на кислородна подршка, со тешка клиничка слика кои постојано се борат да земат здив, а она што најмногу загрижува е намалувањето на старосната граница на заболените.

„Пациентите се борат за кислород, чуствуваат глад за кислород, високи температури, болки во зглобови, главоболки. Тука сме ние заедно со нив да им помогнеме, вложени сме максимум, напомош имаме персонал од останатите одделенија“, изјави Мирјана Спасова, главна сестра во инфективното одделение.

Во моментот бројот на хоспитализирани е на исто ниво со вториот бран за време на неговата кулминација, но лекарите состојбата ја оценуваат како далеку посложена.

„Меѓутоа овој третиов бран е и тоа како поопасен и потежок затоа што имаме огромен број на помлади пациенти, имаме огромен број на кислород, имаме неколку пациенти на неинвазивна вентилација, трошиме енормни количини на кислород, околу 160 боци за 24 часа. Така што овој третиов бран е од сите досега најтежок, дефинитивно“, изјави д-р Горан Балев, директор на Општа болница-Охрид.

За да се обезбедат 20-тина дополнителни легла нервното одделение е префрлено на урологија со што во болницата се обидуваат да не го остават Охрид и регионот без легла за нови ковид пациенти. Доколку состојбата се влоши најверојатно ќе се отворат ковид одделенија и во другите болници чии капацитети во моментот се помалку искористени.

 

Сашо Нелоски