Македонија

Пендаровски: Обединети стоиме во одбрана на македонскиот јазик

05.04.2021 14:29

Марка со ликот на великанот Блаже Конески од денеска е во оптек, во 6.000 примероци. Со тоа, државната пошта, се вклучи во одбележувањето на јубилејот – 100 години од неговото раѓање. Илустрирана е со портретот на Конески, дело на академик Димитар Кондовски. Негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон делото на академикот Конески, туку и долг кон самите себеси, долг кон сите наши предци, долг кон идните генерации- порача претседателот на државата...

Негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон делото на академикот Конески, туку и долг кон самите себеси, долг кон сите наши предци, долг кон идните генерации-порача претседателот на државата Стево Пендаровски. И покрај кодификацијата на македонскиот литературен јазик од светските лингвисти, сведоци сме на негирање на нашиот јазик и идентитет. За шефот на државата, охрабрувачки е што на внатрешен план сме обединети во зачувување на нашите корени.

„За жал, и после децении од кодифицирањето на македонскиот јазик и неговото верифицирање од страна на светската лингвистичка наука, сведоци сме на негации и притисоци. Сепак, ме радува фактот што барем внатрешно немаме никакви колебања и што обединети стоиме во одбрана на македонскиот јазик. Впрочем негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон делото на академик Конески, туку и долг кон самите себеси, долг кон сите наши предци, долг кон идните генерации“, изјави претседателот Пендаровски.

На 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески промовирана поштенска марка со неговиот лик. За да ја прошириме во целиот свет да стане што повидлива, сите да испратиме барем едно писмо до некој што го чувствуваме близок и да ја ставиме поштенската марка со ликот на Конески, порака од директорот на државната пошта, Макрадули.

Министерката за култура Стефоска, истакна дека сме должни делото на Конески да го пренесуваме од генерација на генерација. Ќе останат запаметени неговите стихови во нашата колективна свест. Се служиме со граматиката на Конески, го употребуваме нашиот стандарден македонски јазик, ја објаснуваме историјата, посочи претседателот на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов.

Марката со ликот на великанот Конески е во оптек со 6.000 примероци, дело на академик Димитар Кондовски.

Александра Спировска