КОВИД-19

Владата усвои нови мерки- полициски час од 20 до 5 часот, угостителските објекти се затвораат

05.04.2021 15:05

Владата на денешната седница ги усвои новите рестриктивни мерки предложени од кризниот штаб, поради зголемиот број на заразени и починати од Ковид-19. Очекуваат да се намали ширењето на заразата и да се намали притисокот врз здравствениот систем...

Владата на денешната седница ги усвои новите рестриктивни мерки предложени од кризниот штаб, поради зголемиот број на заразени и починати од Ковид-19. Се очекува да се намали ширењето на заразата и да се намали притисокот врз здравствениот систем- соопшти премиерот Заев.

Одлучено е од утре до 20-ти април полицискиот час да почнува од 20 часот до 05 часот изутрина. Донесена е одлука за целосна забрана за гости во сите угостителски објекти, вклучително хотели, мотели, бензински станици и слично почнувајќи од среда, 7-ми април. Овие објекти може да работаат со достава или со подигнување на нарачки. Исклучок се објектите на аеродромите, како и во угостителски објекти во хотели или мотели, само за гости кои претстојуваат таму.

Обложувалниците ќе работаат само на шалтерски систем од 7-ми до 20-ти април. Исто така се забрануваат посетители во објектите за вежбање, фитнес центрите, а се забранува и организација на семинари и конференции. Земјоделците може да се движат врз основа на дозволите за движење, а лицата кои што живеат во станбени објекти, домашните миленичиња може да ги изнесуваат надвор, на оддалеченост од најмногу 100 метри за време на забраната на движење.

Останува на сила строгата забрана за групирање на повеќе од четворица граѓани на отворен простор.