Продолжува масовната имунизација против Ковид-19
Министерот за здравство Филипче синоќа оцени дека одлично поминал првиот ден од вакцинацијата. Во просек се вакцинирале околу 300 лица на час.

Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ продолжува масовната имунизација на населението против Ковид-19. Имунизацијата стартуваше вчера, за кога беа закажани 3.000 термини. Истата се одвиваше според планираното и вчера сите пријавени примиле вакцина.
Министерот за здравство Филипче синоќа оцени дека одлично поминал првиот ден од вакцинацијата. Во просек се вакцинирале околу 300 лица на час.
„Се вакцинираа дел од здравствените работници како и еден дел од припадници на МВР. Утре продолжува вакцинациајта на МВР и започнува на припадниците на АРМ. Колегите ме информираат дека целиот систем функционира беспрекорно и тоа многу ме радува. Да бидеме максимално претпазливи во неделите што следат и да ги почитуваме мерките без исклучок“, објави синоќа на Фејсбук, Филипче, потсетувајќи дека од денеска стапуваат во сила поригорозни мерки и повика сите да дадеме придонес во битката со пандемијата.
Вчера пријавените лица беа вакцинирани со руската вакцина „Спутник В“. Во оваа фаза ќе бидат имунизирани лица од т.н. критична инфраструктура – вработени во МВР, АРМ, новинари, возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработени на патарини и други.
На терен работи тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени. Во салата се одредени места каде вакцинираните се под опсервација 15 до 20 минути. На самото место има екипи на Итна медицинска помош, доколку има потреба да интервенираат.
Процесот на имунизација против коронавирусот во земјава почна 16-ти февруари со вакцинирање на здравствените работници. Во државава досега пристигнаа 78.000 вакцини, од кои 48.000 се донација од Србија.
