Агрометео

Последниот студен бран нема да предизвика големи штети кај овошките

06.04.2021 10:00

Последниот студен бран и снегот што ја зафати земјава нема да предизвика големи штети кај овошките, туку само проретчување на родот што може да донесе и покрупни плодови со поголем квалитет, велат агрометеоролозите. Пролетние температури минатата недела ја разбудија вегетацијата и ги почнаа работите на отворено, а заладувањето викендов беше краткотрајно за да предизвика некои сериозни последици за културите...

Последните врнежи од снег и студот што ја зафати земјава не предизвикаа поголеми штети.

Во некои делови дојде до спуштање на минималните утрински температури и под критичните вредности за некои овошки, но сепак се очекува измрзнувањата да бидат од помали размери, со проретчување на родот, појава која може и да го зголеми квалитетот, со покрупни плодови.

Вистинските пролетни температури во текот на изминатата седмица ја обновија вегетацијата во целост, со што на земјоделците им се создадоа услови за извршување на пролетните активности.

Временската промена викендов со намалувањето на температурите и за 10 степени според агрометеоролозите, беше краткотрајна и нема да им наштети на културите.

Инаку и оваа недела се прогнозира стабилно време со карактеристични температури за овој период од 13 до 20 степени и со позитивни утрински вредности кои ќе бидат повеќе од добредојдени за сите култури. Ваквото време им е потребно и на пчелните семејства кои почнуваат со интензивен развој, а полен и нектар има доволно во природата.

 

Методија Трајков