ПАТУВАЊА

Скриените богатства на Едрене

06.04.2021 10:27

Во минатото бил главен град на Отоманската империја, кој потоа останал како место за одмор на султаните и нивните семејства, денес е едно од најатрактивните места за туристичка посета во Турција.

Најголемиот град во северозападниот дел на Турција, сместен во долината на Тракија, каде се слеваат три реки создавајќи живописен пејсаж, поради близината на гранците со Грција и Бугарија, воедно е и главен транзитен центар на Источната Траса. Во минатото бил главен град на Отоманската империја, кој потоа останал како место за одмор на султаните и нивните семејства, денес е едно од најатрактивните места за туристичка посета во Турција.

На местото на една прастарта населба, која била позната транспортна рута,  во 125-та година, римскиот император Адријан основал нов град, наречен Адријанополис.  Потоа, ова плодно место било дел од Византија, па од Отоманската империја, кога султанот Мурад Први го преименувал во Едрене.

Во срцето на градот, доминираат трите џамии, Селимије, Серефели и Старата џамија. Заштитена од УНЕСКО, џамијата Селимије, изградена во 16-от век од познатиот архитект Мимар Синан, претставува ремек дело на отоманската архитектура.

Меѓу задолжителните места за посета е комплексот на султанот Бајазит Втори, изграден во 15-от век, еден од најстарите медицински центри кој бил активен се до 19-от век. Денеска е редок музеј посветен на историјата на медицината, а за ова значајно место пишувал и  познатиот патеписец Евлија Челебија.

Еден од најубавите пејсажи во Едрене е стариот мост на реката Марица, а прошетката по него нуди неверојатка глетка на природата и околината.

Кога сте во градот Едрене, не може да не ја  пробате автентичната, традиционална и вкусна храна од овој регион. Богатата и разновидна кулинарска култура ги вбројува познатиот пржен џигер, потоа едренското ќофте и надалеку познатото сирење, слатката паста од бадеми, како и сутлијашот со шафран.

Прошетката низ Едрене, несомнено треба да се заврши со посета на историскиот пазар, каде што во автентична атмосфера може да набавите традиционално изработени занаетчиски производи, кои ќе бидат убав спомен од посетата на овој живописен град.

 

Билјана Жеревска