Слаб интерес за вакцинација во струшко
Иако првично се регистрирале во системот, сега одбиваат термини од матичните лекари. Повеќето се плашат од контраидникации...

Слаб одзив за вакцинација со „АстраЗенека“ во струшко. Антивакциналната кампања, во изминатиот период за овој вид вакцина го преполови интересот кај пријавените граѓани за имунизација. Иако првично се регистрирале во системот, сега одбиваат термини од матичните лекари. Повеќето се плашат од контраидникации.
Досега во Здравствениот дом во Струга вакцинирани се 61 повозрасен граѓанин.
„Од два пати по 40 што беа, дојдоа по 30, вчера 31- значи 61. Тука има уште неколкумина, сакаат во домашни услови оние кои се неподвижни. Тоа денес ќе го организираме да ги вакцинираме во домашни услови“, вели Андон Ложанкоски, директор на Здравствен дом Струга.
Исто е и во Здравствениот дом во Вевчани. Заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 40 граѓани над 77 години. Претежно постари жители од Вевчани, но од останатите струшки села-Лабуништа, Октиси, Подгорци, Татеши, Велешта воопшто нема одзив.
„Матичните лекари во термините коишто се отворени немаат дистрибуирано пациенти за вакцинација во Здравствениот дом. Дали со отворањето на вакциналните пунктови во Лабуништа и Велешта ќе се зголеми бројот на пациенти кои ќе се вакцинираат ќе видиме“, вели Јован Стојкоски, директор на Здравствен дом „Д-р Светозар Чочороски“ – Вевчани.
Здравствените работници апелираат граѓаните масовно да се вакцинираат, појаснувајќи дека вакцините се безбедни и само на тој начин ќе се стави крај на пандемијата.
Соња Рилковска
