Филипче верува дека граѓаните ќе се придржуваат до мерките
Верувам дека граѓаните ќе се придржуваат до сите овие мерки. Мора да сме свесни дека со сопственото однесување, одговорност, носењето маска и одржувањето дистанца придонесуваме за што пократко време да заврши и овој бран, изјави министерот Филипче.

Од денеска почнуваат нови рестриктивни мерки кои ќе важат следните две недели. Целта е да се заштити здравјето на граѓаните и здравствениот систем. Во изминатиот период имаше огромен наплив на пациенти во болниците. Интервениравме со ангажирање дополнителни одделенија, инсталирање кислород, екстра кадар по системот на ротација и успеавме добро да го одржиме здравствениот систем и за секој пациент да се обезбеди болнички кревет.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека сега сме во период кога е навистина оптоварен здравствениот систем, а пред нас се празници.
Имајќи го предвид искуството од минатата година кога ваквите празници конкретно рамазанските пости и Велигден во истиот период, сериозно ја искомплицираа и ја усложнија епидемиолошката ситуација, сметаме дека доколку тоа сега се случи со веќе оптоварен здравствен систем, тоа ќе биде кризна ситуација што тешко ќе се менаџира. Тоа е причината за воведувањето дополнителни рестриктивни мерки со цел овој трет и досега најсилен бран на Ковид-19 на некој начин забрзано да го завршиме. Верувам дека граѓаните ќе се придржуваат до сите овие мерки. Мора да сме свесни дека со сопственото однесување, одговорност, носењето маска и одржувањето дистанца придонесуваме за што пократко време да заврши и овој бран, рече Филипче.
Посочи дека во салата „Борис Трајковски“ почна имунизацијата на населението, конкретно на вработени во критичната инфраструктура.
Оптимумот, бројот кој сакаме да го постигнеме е да имаме околу 7000 вакцинирани граѓани на ден. Би можело тоа и да се зголеми, меѓутоа одиме чекор по чекор. Сепак ова е нов систем и сакаме добро да функционира. Вчера немаше никаков проблем и се надевам така ќе продолжи и во следниот период, додаде Филипче.
