Во Битола се зголемува бројот на хоспитализирани пациенти
Од денес во Битола ковид пациенти се хоспитализираат и во дел од модуларната болница. Инфектолозите велат- сè повеќе се спушта старосната граница на пациентите, а на амбулантските третмани има и тинејџери. Клиничката болница затвора дел од одделенијата, медицинскиот персонал се пренасочува во ковид-битката …

Од напладне првите хоспитализации и во новата модуларна болница. 123-ца хоспитализирани пациенти до утринава ги преполнаа одделите во ковид центарот. Проширувањето го наметна и проблемот со недостатокот на кадар, раководството на клиничката болница во нова реорганизација.
Дел од неургентните одделенија се затвораат и одат во сменско работење. Ќе се интервенира само кај итни случаи и се апелира до граѓаните да не доаѓаат без поголема потреба. Најголем дел од медицинскиот персонал ќе биде насочен за грижа на ковид пациентите.
За догледно време обезбедени се сите потребни лекарства, како и потребите количини за кислородна поддршка, со зголемувањето на хоспитализираните пациенти.
Состојбата е тешка и крајно сериозна, велат инфектолозите. Речиси да нема пациент кој не е на кислородна поддршка и со тешка клиничка слика, а сè повеќе на одделите и амбулантските третмани и млади луѓе.
Инфектологот Димитровска очекува новите мерки да дадат одредени резултати, затоа што ќе се затвори еден друг паралелен свет во кој живееа посебно младите, а до пикот на третиот бран во едно од најголемите жаришта во внатрешноста има уште доста денови.
Стевче Митревски
