Свет

Забрзува процесот на вакцинација на глобално ниво

06.04.2021 14:06

Процесот на вакцинација се забрзува на глобално ниво. За разлика од другите, Велика Британија продолжи со користење на „АстраЗенека“. САД досега имунизирале 23% од населението. Во Јужна Америка најдобар опфат има Чиле со 35% вакцинирани, додека на Блискиот исток најнапред се Израел и Бахреин. Во Африка најмногу вакцинирани има Мароко...

Иако процесот на имунизација и натаму се соочува со проблеми, повеќето држави  во светот напредуваат во вакцинирањето на своите граѓани. За разлика од Европската унија, Велика Британија не се откажа од дозите на „АстраЗенека“ и поради непречениот процес, поранешната членка на блокот е сега на врвот на списокот земји со најмногу вакцинирани жители. На европско ниво се издвојуваат и Унгарија и Србија.

Франција месецов планира да вакцинира еден милион луѓе. За таа цел, националниот стадион во Париз е пренаменет во т.н. „Вакцинодром“ каде што неделно ќе се имунизираат и до 10 илјади лица. Идниот месец, Франција ќе отвори од 100 до 200 вакви центри.

САД, кои се меѓу најпогодените земји, успеаја да имунизираат над 23% од возрасното население. Администрацијата на Вашингтон размислува да донира дел од вакцините. Но планот е АстраЗенека, лекот од Оксфорд, најевтин на пазарот,  да биде заменет со Џонсон и Џонсон и да се произведат 100 милиони еднократни вакцини до јуни годинава.

Ќе се водиме според основните вредности. Нема да разменуваме вакцини и оружје за политички услуги. Целта е да се спасат животи. Кон партнерските земји ќе се однесуваме со почит“, вели државниот секретар Ентони Блинкен.

Во Јужна Америка, Чиле предводи откако за помалку од два месеца примиле доза околу 35% од населението. Во Азија и на Блискиот Исток, покрај Израел кој успеа да имунизира над половина од државјаните, напредок е регистриран и во Бахреин.

Во Африка, Мароко е на прво место. Во Сенегал, една од земјите со најниска инциденца на корона, се зголемува скептицизмот околу вакцините. За да го разубедат населението, дел од министрите јавно примија доза.

Двајца соседи починаа од ковид. Можеби вакцините ќе го решат проблемот, не знам. Јас нема да се вакцинирам, но ги следам мерките“, вели една жителка.

Директорот на Центарот за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, Александар Гинцбург ги негира тврдењата дека вакцината може да влијание врз човечкиот ген. Во однос на повторното заразување по направената имунизација, тој нагласи дека доколку по втората доза човекот се инфицира за три седмици, болеста се манифестира во послаб облик.

И покрај вакцинацијата, почитувањето на мерките останува императив во мисијата против новиот коронавирус кој усмрти над 2,86 милиони луѓе во светот. Од 19 април, Австралија и Нов Зеланд го укинуваат карантинот за патниците  меѓу двете земји.

Ќе имаме и рамка за справување со епидемијата во Австралија. На многу начини ќе ја гледаме Австралија како наш регион при носењето одлуки за рестрикциите“, изјави Џасинда Ардерн, премиерка на Нов Зеланд.

Ова е еден од многуте чекори како што ќе се враќаме во нормалната позиција, не само годинава, туку и натаму. Австралија и Нов Зеланд се лидери во однос на справувањето со ковид-19. Враќањето на релациите значи работни места, обединување на луѓето, повеќе можности“, рече австралискиот премиер, Скот Морисон.

Поради пандемијата, Северна Кореја го откажа учеството на Олимписките игри во Токио.

 

Маја С. Филдишев