Ковид-19

Филипче: Одлуката за рестриктивните мерки не е политичка

06.04.2021 14:24

Од денес почнува примената на нови рестриктивни мерки. Од вечерва забраната за движење почнува во 20 часот и ќе трае до 5 изутрина. Се редуцира јавниот превоз, а до 20-ти април со работа ќе престанат угостителските објекти, салите за вежбање и обложувалниците, освен за давање шалтерски услуги. Министерот Филипче најави кон средината на месецот пристигнување на кинеските и на вакцините од „Фајзер“. Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ продолжува вакцинацијата...

Во наредните две недели граѓаните ќе живеат под строги рестриктивни мерки со цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Полицискиот час ќе почнува во 20 и ќе трае до 5 часот изутрината. Утре затворени за гости ќе бидат угостителските објекти и ќе можат да вршат само достава на храна. Нема да работаат ниту спортските и фитнес салите. Забранети се обуки и курсеви, конференции, а во обложувалниците ќе работат само шалтерите. Министерот за здравство Филипче тврди дека одлуката не е политичка, иако пред неколку дена оцени дека вирусот е широко распространет и нема потреба од нови мерки.

„Во ваква ситуација кога имаме преоптоварени болници, со дополнително комплицирање на ситуацијата, што очекуваме да се случи за време на празниците доколку не се почитуваат мерките, како што тоа беше лани, ние нема да можеме да издржиме, ниту пак ќе може добро да се изменаџира. И тоа е причина зошто сега во овој период, во пресрет на празниците, една недела пред почеток на постите, Велигден се паѓа околу 1 мај, сметаме дека треба таква дополнителна рестрикција за дополнително да се намали притисок кон болниците и дополнително да спласне бројот на нови случаи“, изјави денес министерот за здравство, Венко Филипче.

Кон средината на месецов, министерот Филипче очекува да пристигнат кинеските вакцини и на компанијата „Фајзер“. Во меѓувреме, втор ден во спортската сала „Борис Трајковски“ се имунизираат вработените во здравството, полицијата, армијата.

Досега во земјава се имунизирани над 13 илјади граѓани. Надлежните велат, 20 насто кои закажале термин не се појавиле на вакцинацијата. Освен два случаи на колапс коишто не се поврзани со вакцината, посериозни несакани реакции засега не се пријавени.

Со 20 илјади „Спутник“ вакцини, донација од соседна Србија, се имунизираат вработените во критичната инфраструктура кои организирано доаѓаат од цела Македонија. Вакцинацијата се одвива на 48 пункта, а дневно вакцина примаат околу 3.000 граѓани.

Андријана Атанасовска