Афера „Мафија“

ВМРО-ДПМНЕ бара целосно расчистување на аферата со издавање пасоши на мафијаши од регионот

06.04.2021 15:02

Опозицијата бара целосно расчистување на аферата со издавање пасоши на мафијата од регионот. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, се сомнева дека аферата не би била можна без знаење на највисоките структури на власта. Возврати СДСМ, прашуваат дали Мицкоски намерно пласирал информации за да се саботира големата полициска акција, поддржана од меѓународни органи...

Криминалот е во врвот на власта, а сѐ друго е расфрлање на пердуви и приказни за мали деца, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски кој обвинува дека кај нас мафијата има држава, притоа барајќи целосно да се расчисти случајот со давањето пасоши на мафијаши од регионов. Аферата „Мафија“ потврдува дека владата станала гнездо, дала закрила и соработувала со балканските нарко- босови, тврди Мицкоски. Дополнува, барани поради организиран криминал, наркотици, убиства, насилство, а државата им станала услужен центар и логистика на сериозни криминални милјеа.

Да не ја замајуваат јавноста со половични акции за приведување на службеници во МВР, туку треба силен удар на криминалците во власта. Аферата „Мафија“ има и регионално влијание и контекст, државната логистика за овие структури кои вршат сериозен криминал на Балканот и пошироко значи и загрозување на односите со пријателска Турција, Црна Гора, Србија, Албанија и други држави. Овие документи ќе ги предадеме и на Обвинителството, кое го повикувам за брза резолутнанепристрасна и независна акција“, изјави Мицкоски.

Каква Европа ѝ е дострел на оваа власт, кога владата направи дувло на криминалот од државните институции, рече Мицкоски на конференцијата за новинарите.

Додека Мицкоски се сомнева дека ваква афера не можела да се случи без знаење на највисоките структури на власта, владеачката СДСМ вели ќе го причека исходот, а Мицкоски, според СДСМ, ја минирал планираната полициска акција.

Дали Христијан Мицкоски намерно пласираше информации во јавноста за да се саботира голема полициска акција на нашите институции, МВР и меѓународни органи со помош на нашите стратешки партнери, саботажа која не успеа? Очекуваме официјални информации од надлежните институции кои треба да покажат дали Христијан Мицкоски одработува за криминалци“, велат од СДСМ.

Со случајот „Мафија“ власта и опозицијата одново ги заладија односите по политичкиот договор за пописот и за Изборниот законик постигнат меѓу Заев и Мицкоски минатата недела.

 

Миле Ристески