Рестриктивните мерки неповолно ќе се одразат врз хотелиерството
Со новите рестриктивни мерки поради коронакризата повторно на удар се хотелиерите. Иако поголемиот број од хотелските капацитети на охридско-струшкото крајбрежје се затворени оние што функционираат сега не ќе можат да пружаат ресторански услуги за надворешни гости. Засега нема најави за гости во текот на велигденските празници, но можеби намалените цени за десет до дваесет проценти што хотелската асоцијација на Македонија ги понуди за српските туристи ќе придонесат тие да ги посетат македонските туристички центри …

Во период кога поголемиот број од хотелските капацитети на охридско-струшкото крајбрежје се затворени новите рестриктивни мерки негативно ќе се одразат врз работењето на хотелите коишто моментално функционираат. Забраната за одржување на било какви собири и затворањето на рестораните за надворешни гости се дополнителен удар врз овој сектор. Хотелиерите велат дека и годинава ќе се фокусираат на туристите од регионот и земјава, бидејќи нема најави за доаѓање на гости од западноевропските и другите подалечни земји.
„Најважно е да се посветиме на регионалниот туризам, што значи од регионов а не смееме да се откажеме од домашните туристи. Реално оваа година не очекуваме, мислам дека за перспектива едно 5 години требаат да се концентрираме за повторно да ги вратиме нашите партнери во ваква состојба, со ваква епидемија“, изјави Љупчо Цветановски, хотелиер.
Од хотелската асоцијација на Македонија најавија дека за српските туристи годинава ќе има специјални цени како благодарност до нивните колеги од српската комора како и до српската влада коишто овозможиле вакцинирање на хотелски работници од нашата држава, но и на повеќе илјади македонски граѓани.
„Иницијативата што се даде од страна на владата за гостите од Србија да поминуваат без патарини на патиштата ни даде една идеја да направиме посебни цени за гостите од Србија каде што би дале попусти од месец мај до крај на 2021 година,вклучувајќи ги и новогодишните празници ако имаме дочеци дотогаш, да се дадат попусти од 10 до 20 проценти“, изјави Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
Оваа иницијатива секако дека на брегот од Охридското Езеро ќе привлече повеќе туристи од оваа наша соседна земја што ќе даде голем придонес и во закрепнување на македонскиот туризам.
Сашо Нелоски
