Меркел: ЕУ ќе ја казни Русија со економски санкции доколку има потреба
Германската канцеларка Ангела Меркел во говорот пред германскиот парламент објави дека челниците на Европската унија ќе покажат подготвеност за засилување на казнените мерки против Русија, вклучително и политички чувствителните економски санкции, пред самитот на европските челници

„Самитот на Европската унија денеска и утре ќе покаже дека сме подготвени во секое време да ја воведеме третата фаза од мерките, доколку дојде до влошување на ситуацијата", изјави германската канцеларка Ангела Меркел.
Додаде дека форматот на групата Г8, во која и Русија е член, всушност е мртов сé додека политичката ситуација не се промени. Русија е претседавач со Г8 и треба да биде домаќин на самитот закажан за јуни во Сочи. Но, другите земји членки ги суспендираа подготовките за самитот, како и членството на Русија, поради кризата околу Украина.
Меркел, исто така, изјави и дека ЕУ може да ја прошири листата на личности од Русија и проруски ориентираните во Украина, коишто се опфатени со забраната за издавање визи за патување во земјите од Унијата и со замрзнувањето на нивните имоти.
„На Европскиот совет кој почнува денеска, шефовите на земјите и владите на Европската унија ќе ги утврдат санкциите (втората фаза), за коишто беше одлучено пред две седмици. Меѓу нив, за продолжување на листата со лица кои се погодени со забраната за визи и замрзнувањето сопственост", изјави Меркел во Бундестагот.
„Во случај на ескалација, подготвени сме во секој момент да минеме на третата фаза од санкциите и ќе стане збор без сомневање за економски санкции", додаде Меркел. Според неа, германската влада допрва треба да одлучи дали ќе се одржат планираните за април германско-руски меѓувладини консултации, и доколку се случат, во кој формат ќе се одвиваат.
