Афера „Мафија“

ВМРО-ДПМНЕ објави нови документи за „Мафија“, за СДСМ- Мицкоски ја саботира правдата

07.04.2021 14:54

ВМРО-ДПМНЕ објави нови документи за аферата „Мафија“. Државата е логистика на мафијаши и картел-босови. Велат- целта е ситните риби да одговараат, а крупните да се спасат. Од партијата ги отфрлаат обвинувањата за саботажа на акцијата. Христијан Мицкоски е на браникот на криминалот, на спротивната страна од полицијата и правдата, посочуваат од СДСМ...

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обелодени нови документи за аферата „Мафија“. Македонски пасоши се давале и на нарко-босови од Албанија. Фалсификуван пасош добил и осомничен за обид за убиство на еден од водачите на Кавачкиот клан. Според ВМРО-ДПМНЕ, целта на власта е да се фатат ситните риби, а крупните слободно да шетаат. Спасовски и СДСМ пласираат лажни вести, единствениот контакт на Мицкоски беше со Зоран Заев на лидерската средба, категорични од партијата.

Обидите на Мицкоски за саботажа на полициската акција и загрозување на истрагата треба да бидат предмет на интерес и на Јавното обвинителство, велат од СДСМ. Од партијата бараат одговорност за сите кои го прекршиле законот или пак, помагале и ја саботирале акцијата. Залудни се обидите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ја попречат правдата, да работат против правдата и законите, додаваат социјалдемократите.

Од Алијанса на Албанците велат дека незамисливо е државни функционери да им овозможуваат на криминалци да добиваат македонски пасоши, за сметка на оние кои се родени тука. Подготвени се за компромис со аргументи за Законот за државјанство. Од ДУИ бараа опозицијата да не го блокира Собранието.

Идната недела нова средба на премиерот Заев со координаторите на партиите во Собранието за предлог-законот за државјанство. Од ВМРО-ДПМНЕ ќе го чекаат исходот од разговорите, од што ќе зависи дали ќе ги повлечат амандманите.

Игор Панов