Ковид-19

Стабилна епидемиолошка состојба во Кратово, слаб одзив за вакцинација

07.04.2021 16:48

Кратово е меѓу градовите со најмал број заболени од Ковид- 19. Во оваа североисточна општина е стабилна епидемилошката состојба. На вирусот во моментов се позитивни само 24 лица. Вакцинацијата е во тек, но од Здравствениот дом информираат дека е слаб одзивот од повозрасните.

Стабилна е епидемиолошката состојба во Кратово. Оваа општина од североистокот согласно податоците е меѓу градовите со најмал број на заболени од Ковид- 19. Во моментов позитивни на вирусот се само 24 лица. Во Здравствениот дом во тек е вакцинацијата, но досега вакцина против ковид примиле само 42 лица.

„Во почетокот имаше поголем број заинтересирани и пријавени во системот на Мој термин. Во Кратово дневно има по 20 слободни термини за вакцинација против ковид, но сите не доаѓаат, од различни причини, сите читаат за несаканите ефекти а не и за бенефитите од вакцините и дека тоа е единственото решение за да се справиме со оваа пандемија“, изјави  Румена Петровска, епидемиолог Здравствен дом Кратово.

Различните коментари за вакцината на „АстраЗенека“ не го предомислиле 79-годишниот Петруш Петковски, кој апелираше до помладите да го следат неговиот пример, за да што поскоро да заврши оваа пандемија.

„Единствен спас од оваа пандемија е вацинирањето, друг спас нема, апелирам сите да се вакцинираат“- вели тој.

Минатата година во Кратово се евидентирани вкупно 197 заболени од Ковид- 19. Но, и оваа општина не ја одмина третиот бран па досега за само три месеца се регистрирани 149 случаи. Кратовчани велат не се почитуваат мерките, младите се однесуваат несовесно.

„Не се почитува, тука во Кратово катастрофа, полицијата слабо работеше, не контролираше тука се познаваме сите и тоа се одрази на состојбата“, вели еден кратовчанец.

„Колку толку имаше тука доаѓаше народ од страна, сега нема, но да се надеваме дека ќе замине поскоро и дека ќе се вратиме во нормала, а многу е лошо“, дополнува друг.

Во Кратово вкупниот број на заболени од почетокот на пандемијата изнесува 346, а од Ковид- 19 досега починаа 21 лице.

 

Елена Георгиевска