МОН: Современи наставни програми во новата учебна година за првачињата, изработката е во завршна фаза

07.04.2021 17:35

Резултатите од досегашната работа на работната група составена од неколку тимови и нацрт верзијата на наставните програми денес беа презентирани пред министерката за образование и наука Мила Царовска, соопштуваат од МОН...

Учениците од прво одделение новата учебна година ќе ја започнат со целосно нови, современи наставни програми чија изработка согласно динамиката во планот за целосно реформирање на националниот образовен систем кој започна со усвојувањето на новата Концепција за основно образование, е веќе во завршна фаза.

Резултатите од досегашната работа на работната група составена од неколку тимови и нацрт верзијата на наставните програми денес беа презентирани пред министерката за образование и наука Мила Царовска. Членовите на тимовите изразија задоволство што за прв пат преку еден ваков процес се прави меѓусебно поврзување на наставните програми и што преку координација на различните тимови се доаѓа до исклучително квалитетни крајни решенија. Наставните програми се очекува да бидат усвоени и јавно објавени во петок, по што ќе се пристапи кон обуки за наставниците за начинот на имплементација.

На почетокот на минатиот месец, Бирото за развој на образованието преку јавен повик ги одбра соработниците – наставници од училишта и од високообразовни установи и тоа во поголем број за разлика од праксата во минатото, а кои заедно со советниците од оваа институција го започнаа креирањето на новите наставни програми.

Притоа, во текот на целиот процес на изработка на програмите, се консултираат експерти од области на коишто се темели новата Концепција, како родовата еднаквост, инклузивноста и мултикултурализмот, а внимание се посветува и на изнаоѓање соодветни начини за презентирање на важноста и пристапот на учениците кон одредени прашања како заштита на животната средина, почитување на правата, развивање на одговорност и слично.

Новите наставни програми треба да обезбедат поголема видливост на интеграцијата, односно да овозможат реализација на сродни теми од различни наставни предмети во текот на исто одделение, со цел да се синтетизираат различни перспективи за предметот секаде каде што е можно, преку одредени можни содржини и  активности за нивна реализација.