Зошто реалистите се ментално најстабилни

08.04.2021 17:32

Кога постои интензивен страв, човекот не може да се соочи со реалноста, ниту со себе, и затоа прибегнува кон позитивност која може да стане токсична и штетна. Најновите информации во науката потврдуваат дека реализмот, фокусираноста на реалната ситуација, на сегашниот момент, има најблаготворно влијание на менталната и емоционалната издржливост.

Убаво е да се почувствува оптимизмот и во телото и во умот, го сакаме тоа чувство на очекување дека ќе ни се случи нешто добро, најубаво, ќе ни донесе задоволства, смиреност, мотивација. Оптимизмот е важен зашто ни помага да истраеме во остварувањето на целта. Но оптимизмот има граници и не смее да премине во илузорни фантазии. Потребен ни е здрав оптимизам. Понекогаш е доволно да замислиме убава глетка како да сме во природа, само неколку минути наутро, или во паузите меѓу обврските. Тоа ќе нѐ освежи и физички и ментално. па потоа полесно продолжуваме со дневните активности. Нивото на стресот се снижува, а во телото се зголемува  пријатното чувство.

Негувањето на здрав оптимизам е многу важно за менталното и за физичкото здравје. Сепак со оглед на тоа што постојат многу мистификации за менталните вежби, некои луѓе ги одвраќа да прават и наједноставни вежби. Со наметнување на очекувања дека луѓето постојано треба да се чувствуваат добро, многумина не ги поврзуваат менталните вежби со здравјето, туку со бегање од реалноста и токму поради тоа им се одбојни.

Всушност нивната суштина е во можноста да ги искористиме своите потенцијали на умот, на фантазијата, за подобра фокусираност и продуктивност на работа, а исто така благотворно делуваат на личната среќа.

Од друга страна, науката докажала дека песимизмот го одржува нивото на стрес, кој доведува до различни воспалителни процеси во телото и лошо влијае на нашето здравје.

Како што оптимистот замислува позитивен исход, песимистот фантазира за негативни исходи, последици, проблеми.

И оптимизмот и песимизмот може да ви послужат да побегнете од реалноста, од онаа колективната, до личната, што е уште поважна. А негирањето и неприфаќањето најчесто е најлошиот избор, особено ако не е привремено.

Но, она од што треба да се чуваме е невротичниот оптимизам. Тој е невротична присила за постојано да се чувствувате добро, полетно, среќно, за проблемите да ги ставате под тепих, а главата ја држите над водата, по секоја цена.

Кога постои интензивен страв, човекот не може да се соочи со реалноста, ниту со себе, и затоа прибегнува кон позитивност која може да стане токсична и штетна.

Најновите информации во науката потврдуваат дека реализмот, фокусираноста на реалната ситуација, на сегашниот момент, има најблаготворно влијание на менталната и емоционалната издржливост.

Кога ја јакнете вербата во себе, дека ќе се снајдете со се што ќе ви се испречи на патот, било добро или лошо, многу подобро влијае на вашата благосостојба, отколку да си замислувате позитивен исход на некои акции и случки кои ве очекуваат во животот и во работата. Често исходот не е таков. Затоа е добро да се фокусирате на сегашниот момент. Градете односи во кои владее емоционална сигурност. Пронајдете смисла. Вклучете се во нешто значајно за вас. Сето тоа ќе ви донесе стабилност и зголемена способност да се справите со се што ви носи животот.

Потребно е време за човек да ја пронајде својата мерка која му носи најмногу корист. И понатаму  ќе се појавуваат повременото бегање и фантазирање за позитивни или негативни исходи. Но и најмалиот  чекор кон реализмот може да делува  добро на вашиот живот.

Поздраво  е кога ја прифаќаме реалноста, отколку кога таа повторно и повторно  нѐ шокира и носи  голем емоционален набој, дури и на ниво на секојдневието.

Соња Стојановска