Поедноставна постапка за објавување изгубени лични документи

20.03.2014 13:21

МВР и Службен весник во моментот го тестираат проектот за постапката да заврши само на еден шалтер...

Се упростува постапката за објавување на изгубени лични документи. МВР и Службен весник во моментот го тестираат проектот за постапката да заврши само на еден шалтер. Од наредниот месец и официјално ќе може оваа придобивка да ја користат граѓаните.  Анализата покажува дека годишно се губат околу 30 илјади лични документи. Граѓаните чекаат по десетина дена за да објават дека им е изгубен документ  и уште толку за да аплицираат и добијат нов.

„Граѓаните веќе можат изгубените документи да ги пријават само во управните служби на МВР, а потоа ние низ службена комуникација се обраќаме до Службен весник за да се заврши оној официјален дел на објавување, па потоа граѓаните во соодветна постапка добиваат нови документи“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Директорот на Службен весик на РМ, Тони Трајанов нагласи дека целта на овој проект е поедноставуање на комплетната процедура на објавување, за која во просек се чекаше 7-10 дена за да се отпочне процедура за вадење на нов документ.

„Со овој проект практично граѓанинот ќе може за еден ден да изврши објава на неважечкиот документ и отпочнување на постапка на нов документ“, нагласи Трајанов.