Ковид-19

Куманово: Администрацијата ќе волонтира во општата болница

08.04.2021 13:16

Општинската администрација и вработените во јавните претпријатија од Куманово ќе волонтираат во општата болница. Тие ќе носат боци со кислород за ковид пациентите, бидејќи болницата нема централен довод. Куманово е меѓу градовите со најголем број на заболени лица од ковид 19. Сместувачките капацитети речиси целосно се исполнети.

Кумановската администрација и вработените во јавните претпријатија, ќе волонтираат во општата болница. Тие ќе помагаат при дистрибуција на кислородни боци за ковид пациентите. Ова го одлучи општинскиот кризен штаб, откако надлежните од кумановската болница јавно упатија апел за помош. Во болницата нема централен довод на кислород, иако се размислувало да се постави. Инвестицијата, велат ќе се реализира кога ќе се намали бројката на хоспитализирани, но и кога ќе се обезбедат финансиски средства.

Во изминатиот период се соочуваме со една незапомнета криза, сите заедно учествуваме во тоа, успеваме да реализираме поголем број на заеднички проекти, еден од тие е и модуларната ковид болница, а се надевам и во иднина да направиме целосна гасификација на болницата, бидејќи јавното претпријатие „Куманово гас“ веќе постави пункт за испорака на гас во болницата“, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Во трите ковид центри во Куманово изминатиов период се хоспитализирани по 100 пациенти, а исто толку се лекуваат и во дневната болница. Сместувачките капацитети речиси целосно се исполнети.

Имаме со средно тешка и потешка клиничка слика и за жал старосната структура е сменета, во однос на претходните два брана, сега можете да видите еве и оние што чекаат за лабораториски анализи, рендген дијагностика и за хоспитализација има и доста млади луѓе на возраст од 30-40 години, а не како што беше од 60 до 70 и нагоре“, вели директорката на кумановската болница, Снежана Захариева.

Здравствените лица бараат поддршка од граѓаните, бидејќи велат само заеднички, со придржување до мерките, можеме да се избориме со вирусот.

Во Куманово бројката на активни случаи се искачи до 1.150, додека вакцина против ковид 19, во најголемата општина во државата, досега примиле околу 300 лица над 77 години, кои согласно планот за имунизација се на приоритетна листа.

 

Елена Георгиевска