Американските трупи заминуваат од Ирак, но не се знае кога точно
Американската војска заминува од Ирак, договорено на виртуелниот состанок меѓу владините претставници на Вашингтон и Багдад. Американските трупи во Ирак од воени ќе станат советодавни и обучувачки...

По 18 години американските трупи заминуваат од Ирак, но не се знае кога точно – ова е епилогот од виртуелната средба на владите на САД и Ирак. Военото присуство на странските сили беше во фокусот на третата рунда разговори, но први во мандатот на новиот претседател Бајден. Се менува и мисијата на војската којашто ќе има обучувачка и советничка улога на ирачките трупи за борба против милитантите на ИСИС.
„Двете страни се договорија да нема американски воени бази во Ирак, и поради тоа нема да има странски бази. Американската страна вети дека ќе повлече значителен број од своите сили од Ирак, и дека ќе ја смени мисијата на трупите, кои од борбени ќе станат советодавни и обучувачки. Војниците ќе заминат според конкретен распоред и критериуми на ирачките безбедносни сили преку технички одбор кој ќе биде најавен наскоро“, изјави Касим Ал-Араџи, советник за национална безбедност на Ирак.
Последните разговори беа иницијатива на Ирак по притисокот на прошиитската политичка струја и групите лојални на Иран кои лобираат за затворање на американските бази во земјата. Билатералните односи се влошија по ланскиот напад во Багдад под директива на Вашингтон во кој загина генерал Касим Солејмани, водечкиот ирански воен контраразузнавач. Тогаш, шиитските законодавци донесоа необврзувачка резолуција за прекин на американското присуство.
САД имаат 2.500 војници во Ирак и уште 1.000 во соседна Сирија. Одлуката за повлекувањето на трупите остава празен простор во безбедноста на Авганистан, како и во влијанието при преговорите со Техеран за тамошната нуклеарна програма.
Маја С. Филдишев
