Имунизација

Филипче: Вакцината „Астра Зенека“ нема да се дава на лица помлади од 60 години

08.04.2021 16:03

Вакцинацијата во спортската арена „Борис Трајковски“ е во полн ек, денеска се имунизираат лекарите од внатрешноста и наставниците од прво до трето одделение во основното образование. Здравствените власти решија според европските стандарди со „Астра Зенека“ имунизација само над 60-годишна возраст...

Вакцината на „Астра Зенека“ во земјава ќе ја примаат само граѓаните повозрасни од 60 години, решија здравствените власти. Ова е согласно со ставот на Европската агенција за лекови која забележала ретки појави на тромбоза поврзани со вакцината. За граѓаните кои веќе ја примија вакцината на „Астра Зенека“ во соседна Србија нема препораки, дополнително ќе се одлучува за нивна ревакцинација.

Во следната недела во земјава пристигнуваат 1.500 дози од нова коктел терапија за болните од ковид во болниците, која веќе се применува во САД. Филипче очекува до крајот на месецов во земјава да стигнат околу 300 илјади вакцини, од нив најголем дел од Кина.

Во спортската арена „Борис Трајковски“ продолжува имунизацијата на здравствените работници и на наставниците од прво до трето одделение. Досега во земјава се вакцинирани над 15 илјади граѓани, засега посериозни несакани реакции не се пријавени.

Со 20 илјади „Спутник“ вакцини продолжува имунизацијата на вработените во критичната инфраструктура во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Дневно се вакцинираат околу 3.000 граѓани. 

 

Андријана Атанасовска