ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ДИГИТАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ (1)

Суштински промени на традиционалното образование

09.04.2021 10:19

Серијал колумни од Билјана Жеревска- новинар и магистер по студии на политики

Пандемијата предизвикана  од КОВИД-19 вирусот не го промени само тековниот образовен процес во светот, туку воедно влијаеше и на сите аспекти од нашето секојдневие. Една од главните промени на образовниот систем, од претшколското до средното образование, беше префрлање на нaставата од училниците во настава на далечина. Сите овие промени предизвикаа голем притисок врз надлежните тела и образовните  институции, кои беа приморани брзо да реагираат со цел да се вклопат во новонастаната состојба и да ги прифатат промените во образовниот процес, пред сѐ со прифаќање на новите наставни стратегии и преку создавање и имплементирање на нови образовни политики.

Така, на површина излегоа прашањата за дигиталната писменост и дигиталната нееднаквост, и во однос на наставниците и во однос на учениците, потенцирајќи ги општествените моменти кои се во заднината на главното прашање за дигиталната поделба и социо-економските разлики во рамките на 'онлајн-популацијата'.

Да се биде писмен во 21-виот век не значи само да се умее да се чита и да се пишува. Овој термин денес е проширен и ги опфаќа дигиталните аспекти. Дигиталната писменост е писменоста на новото време. Квалификацијата и знаењето сè уште се неопходни и многу значајни, но само тие не се доволни за да се обезбеди успешна иднина.

Како да се унапреди квалитетот на образовниот процес,како да се мотивираат учениците да ги употребуваат информациско-комуникациските технологии(ИКТ), како да се подигне свесноста меѓу родителите и како да се овозможи професионалниот развој на наставниот кадар, се редица прашања што се наметнаа со својата актуелност во 21-виот век.

Една од најрелевантните меѓународни програми за процена на студентите, позната како ПИСА, Македонија ја рангираше на 67-мото место меѓу 79-те земји што ја поминале оваа процена (OECD 2019). Ова рангирање е сериозен показател дека се неопходни итни промени во нашиот образовен систем, особено во сооднос со потребите на дигиталното време.

Покрај тоа, ненадејното и нагло придвижување кон онлајн наставата, како резултат на пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19, не само што Министерството за образование и наука го фати целосно неподготвено туку и ги покажа сите недостатоци на тековните образовни политики и ги откри сите пукнатини во образовниот систем на РСМ. Буквално, образовниот процес беше оставен да лежи соголен пред  нашите очи, откривајќи ја реалноста на дигиталната нееднаквост и дигиталната поделба (недостиг на дигитална писменост и опрема) којашто има влијание врз значаен дел од македонското население воопшто, но исто така го откри и недостигот на медиумска, информациска и дигитална писменост не само кај студентите туку и кај наставниот / академскиот кадар.

Принудното одвивање на наставата од дома поради пандемијата ги забрза процесите на дигитализација на образованието. Како се снајде нашиот образовен систем во наметнатата состојба, колку неговите институции се технолошки подготвени со софтвер и со компетенции на професорите, кои платформи се користеа за време на онлајн наставата, колку студентите беа подготвени за новиот начин на настава, се прашања чии одговори се неопходни со цел да креираме ефикасни политики и одржливи решенија.

Ерик Шенингер, автор на бестселери од областа на новите технологии во образованието, вели:„Мислам дека ќе можеме да ги урнеме училишните ѕидови од малтер и цигла. Се работи за тоа како да ја употребиме технологијата за да можат децата да учат со свое темпо и време што ним им одговара“. Изјавата на светски признатиот авторитет од областа на развојното образование е потврда дека оваа насока по која ќе се движи современиот свет е неопходна и дека таа промена неизбежно ќе се одвива и кај нас, а овој серијал колумни, во извесна мера, е придонес во таа насока.

Важноста на дигиталната писменост е докажана низ многубројни национални и регионални напори за развој и спроведување рамки за дигитална писменост, како и со носење на стратешки планови за зајакнување на дигиталната писменост на граѓаните. Секоја земја, на различен начин и од различни причини, пристапува кон усвојување на определени рамки што ја дефинираат дигиталната писменост.

Дигиталната писменост претставува концепт што опфаќа повеќе вештини, а воедно се фреквентни неколку поими што се слични, но не и исти со поимот дигитална писменост. На пример, писменоста за ИКТ се однесува на збир од вештини кои на корисниците им овозможуваат активно учество во општеството каде што услугите и културната понуда се компјутерски поддржании и дистрибуирани на интернет. Технолошката писменост(претходно наречена компјутерска писменост) подразбира подлабоко разбирање на дигиталната технологија и опфаќа и кориснички и технички компјутерски вештини. Информатичката писменост се дефинира како способност за лоцирање, идентификување, повторно враќање, процесирање и оптимална употреба на дигитални информации. Исто така, треба да се има предвид дека терминот дигитална писменост е во блиска корелација и со другите видови писменост (на пр.читање и пишување, м атематичка компетентност), кои се составен дел на образованието.

Анализирајќи ја дигиталната писменост од аспект на општообразовните цели, логично се наметнува заклучокот дека употребата на ИКТ е основна вештина неопходна за 21-виот век и неминовно е таа да биде вклучена во сите области на наставата. Имајќи ја предвид таа нужност, во мај 2007 година Советот за образование на УНЕСКО предложи низа индикатори за следење на напредокот кон Лисабонските цели за образование и обука,а многу од овие цели  имаат директно значење за дигиталната писменост (ИКТ вештини, граѓански вештини, учење за учење, учество на возрасни лица во доживотно учење). Во овие компоненти е вклучен и професионалниот развој на наставниците и обучувачите, што укажува колку се значајни новите методолошки вештини стекнати и применети на работното место.

Високите вредности во овие области несомнено бараат развој на дигиталната компетентност. Воедно, посебно е значајнои тоа што УНЕСКО ја нагласува примената на дигиталната писменост како услов за „вработување, пристојни работни места и претприемништво“, со што акцентот се става на создавање кадри кои во иднина би биле компетитивни на светскиот пазар на трудот. Одговорност на секоја држава е да им овозможи на учениците образование во кое ќе ги стекнат овие вештини без кои во иднина не би биле рамноправни со своите врсници од развиените земји.

Новите ИКТ направија револуција во речиси секој аспект од секојдневието. Образованието не е исклучок. Значењето од употребата на новите технологии во образованието исплива на површината поради пандемијата и нѐ принуди со голема брзина да се впуштиме во процес на нивна имплементација. Современите општествени очекувања подразбираат нашиот едукативен систем да ги научи учениците да станат критички консументи на услугите на интернет и на содржините на електронските медиуми. Во овој процес и за имплементација на оваа стратегија, неопходна е и поддршката од родителите, кои треба да ги разберат предностите на образованието поддржано од технологијата. Тоа е многу актуелна тема, преполна со разни предизвици. Особено кога се има предвид дека во не толку далечна иднина 85% (FinancialTribune 2018) од работните позиции ќе имаат допир со технологијата. Целта на воведување на новите технологии во образованието е секој ученик да има можност да стекне знаења и вештини неопходни за 21-виот век. Со следење на искуствата од земјите кои предничат во воведувањето на новите технологии во образованието, ќе им овозможиме на сегашните млади генерации да бидат конкурентни на светскиот пазар на трудот.

Темата новите технологии во образованието глобално е многу актуелна и ѝ се придава големо значење преку креирање на национални програми во кои се вклучени наставниците и учениците, како и кога станува збор за проектирање и планирање на финансиските ресурси за таа намена. Во светски рамки, лидер на ова поле е Обединетото Кралство, а во нашиот регион Република Хрватска. Колку оваа тема е значајна и неизбежна, покажа и актуелната пандемиска криза. Соочени со ограничувањата што се наметнаа како заштита од пандемијата, беше неопходно целосно реорганизирање на образовниот систем, односно, искористување на сите можности што ги нудат дигиталните технологии. Така, исправени пред предизвикот, образовните институции, наставниците и учениците, а секако и родителите, се вклучија во процесот на онлајн наставата, со сите нејзини предности и недостатоци.

Продолжува...