Во Центарот за кардиологија во Охрид се лекуваат најтешко болните од Ковид- 19
Здравствениот систем во земјава поминува низ тежок период поради се поголемиот број заразени и заболени од Ковид- 19. Поради недостигот на болнички легла во општите болници ковид центри се отвораат и во специјализираните здравствени институции. Меѓу нив е Центарот за кардиологија „Свети Стефан“ од Охрид каде што се лекуваат тешки случаи од кои дел имаат потреба за респираторна подршка...

Секое време има свои херои. Тие живеат меѓу нас, во нашиот град или во нашето соседството, а излегуваат на површина кога е најтешко и ги ризикуваат своите животи за да ги спасат нашите. Во ова време на пандемија тоа се лекарите и останатиот медицински персонал кои веќе подолго време водат битка со невидливиот непријател. Дел од тоа големо семејство веќе шест месеци се вработените во охридскиот Центар за кардиологија „Свети Стефан“ каде што покрај грижата за пациентите со кардиоваскуларни заболувања се лекуваат и ковид пациенти.
„Во нашата установа се третираат најкомплексни случаи со компликации од ковид инфекцијата. Екипирани сме добро, цел медицински тим и помошно технички тим никогаш не бил повеќе мотивиран, со поголем ентузијазам и максимален напор, значи да се даде се од себе за да се згрижат овие пациенти“, вели Елена Коваческа Башуроска, директор на Центарот за кардиологија „Свети Стефан“- Охрид.
Иако овде има работно време, ретко кој погледнува во часовникот кога треба да се спасуваат човечки животи.
„Во изминатиов период се хоспитализирани над 230 пациенти позитивни или суспектни на ковид 19. Во моментов болничкиот капацитет за ковид пациенти од 36 кревети е целосно исполнет. Се трудиме максимално да им помогнеме на пациентите во нивниот третман и што побрзо опоравување“, вели Билјана Таневска- главна медицинска сестра.
Отворањето на ковид центарот не влијаеше негативно на примарната дејност на оваа здравствена институција. Непречено функционира амбулантно поликлиничкиот дел за приоритетни и ургентни пациенти и делот за интервентна кардиологија и интензивна нега на пациенти со најкомплексни кардиоваскуларни заболувања.
Сашо Нелоски
