Двојно зголемена нарачката на „Фајзер“
Австралија им се придружи на земјите во кои е ограничена употребата на оваа вакцина поради воочената појава на згрутчување на крвта кај млади лица...

Австралија двојно ја зголеми нарачката на вакцината на „Фајзер“, по одлуката да се ограничи употребата на вакцината на „Астразенека“ поради ретките случаи на згрутчување на крвта.
Земјата претходно нарача 50 милиони дози од „Астразенека“, доволно со две дози да се вакцинира целата нација од 25 милиони луѓе.
„Владата преку ноќ обезбеди дополнителни 20 милиони дози од вакцината Фајзер. Овие дополнителни 20 милиони дози значат дека Австралија во 2021 година ќе има вкупно 40 милиони Фајзер. Се предвидува дополнителните дози да бидат достапни во последната четвртина од оваа година. Тоа е многу добра вест. Сакам да потенцирам дека советот и препораките од техничката советодавна група на Австралија не значат забрана за вакцината „Астразенека“. Посочено е дека ризикот од несаканите ефекти е мал, односно тие се многу ретки, изјави Скот Морисон, премиер на Австралија.
Австралија им се придружи на земјите во кои е ограничена употребата на оваа вакцина поради воочената појава на згрутчување на крвта кај млади лица.
„Имам апсолутна целосна доверба дека оваа вакцина е многу ефикасна и е високо препорачлива и безбедна за луѓето над 50 години, па дури и под 50 години. Како што веќе рековме, тоа е многу претпазливост изјава. Состојбата почесто се забележува кај помладите луѓе. Мора да го заштитиме нашиот народ, особено луѓето над 70 или 80-годишна возраст. „Јас сум целосно уверен, како и сите медицински експерти со кои се консултиравме, дека луѓето треба имаат доверба и да ја примат оваа вакцина. Јас ја примив и би го сторил тоа повторно“, изјави Скот Морисон, премиер на Австралија.
Промената на политиката за вакцинација значи дека владата нема да може да го исполни својот план да ја вакцинира целата нација до крајот на октомври.
„Астразенека“ соопшти дека ја почитува одлуката на Австралија, додавајќи дека работи со регулаторите ширум светот за да се сфатат можните механизми со кои би можеле да се објаснат „крајно ретките појави“.
Во моментот во повеќе земји е привремено запрена вакцинацијата со „Астразенека“. Некои од земјите потоа ја продолжија, но со ограничување во однос на возраста.
Европската агенција за лекови пак, во средата објави дека располага со извештај за 169 случаи на згрутчување на крвта, односно еден случај на 100 илјади вакцинирани кај помлади од 60 години. Повеќето од случаи се забележани кај жени.
Марина Ристова
