Почина британскиот принц Филип
Принцот Филип, кој во јуни требаше да наполни 100 години, во изминатиот период се лекуваше поради проблеми со срцето...

Принцот Филип, сопругот на британската кралица Елизабета, почина на 99-годишна возраст по долго и тешко боледување, соопшти денеска Бакингемската палата.
„Со длабоко жалење, нејзиното височество кралица соопштува дека нејзиниот сакан сопруг, принцот Филип, војводата од Единбург, почина мирно утрово во замокот Виндзор“, објави Бакингамската палата, без да ги наведе причините за смртта. Кралското семејство им се придружи на луѓето ширум светот кои жалат поради неговата смрт, наведе Бакингемската палата.
Принцот Филип, кој во јуни требаше да наполни 100 години, во изминатиот период се лекуваше поради проблеми со срцето.
Кралицата Елизабета и принцот Филип беа во 73 години брак. Принцот е роден на 10 јуни 1921 година, а потекнува од грчко и данско кралско семејство. По школувањето во Франција, Германија и Велика Британија, тој се приклучил на британската кралска морнарица во 1939 година. Со тогашната принцеза, а сега Кралица Елизабета се запознале во 1934 година, а по Втората светска војна, Филип добил дозвола од кралот Џорџ Шести да ја запроси Елизабета.
Пред свршувачката јавно да биде објавена во 1947 година, Филип се откажал од грчките и данските кралски титули и станал полноправен Британец, земајќи го презимето на предците на неговата мајка, Маунтбатен.
