Кратово

Семејство бара помош за изградба на лифт

09.04.2021 15:05

Тежок е животот во инвалидска количка, раскажува 32-годишната Славица Петковска, лице со церебрална парализа. Поради лошиот пристап во куќата во којашто живее во Кратово, веќе три години е затворена дома. Вели, животот би ми бил полесен и поубав, доколку имам лифт. Но за изградбата на лифт, на ова семејство му требаат 5.500 евра, средства коишто ги немаат...

„Многу напор давам по скалите, и многу ми е тешко, јас сум и веќе возрасна, и не можам, едноставно не можам“ – раскажува Цаци.

Триесет и двегодишната Славица Петковска, меѓу кратовчани позната како Цаци, е лице со церебрална парализа. Уште како мала останала во инвалидска количка. Но за разлика од пред неколку години, сега и покрај помошта на мајка и, многу потешко се движи по скалите. Од домот не излегла веќе три години. Вели сакам да шетам, барем до улица, секојдневно сум во куќата и дворот. Животот би ми бил полесен и поубав доколку имам лифт.

„Многу ќе ми се намали маката, со скалите, многу тешко ги одам, а кога би имала лифт ќе одам до центар, до град, со друштво кафе ќе се напијам, вака тешко, тешко“- истакна Цаци.

Дека е тешко, потврдува и нејзината мајка, Митка. Вели доколку би имале лифт, Цаци би можела многу полесно да излезе надвор, да не е затворена дома.

„И јас годините веќе, треба да се бара полесно решение, колку можам сега помагам, но после колку ќе можеме не знаеме, како ќе биде“- раскажува мајка и Митка.

Ова семејство се надева дека нивната мака ќе допре до граѓаните, но и институциите. За изградбата на лифтот им требаат 5.500 евра, коишто ги немаат, бидејќи живеат од средствата за туѓа нега и мобилност.

„Желба ми е да го имам тој лифт, многу ќе ми олесни“- завршува Цаци.

 

Елена Георгиевска