Политика

Партиите за аферата со лажни пасоши

09.04.2021 16:34

Во Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека со аферата со пасошите јасно се докажува фактот дека дел од самата полиција се инволвирани во фалсификување и снабдување со државјанства и пасоши на странски лица за кои има меѓународна потерница...

Македонската Влада треба под итно да побара тим на експерти од Генералниот директорат за внатрешни работи на ЕУ, кои треба да направат ревизија за да не се доведе во ризик безвизниот режим на македонските граѓани и нивното патување во ЕУ, побараа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во партијата сметаат дека со скандалот Mафија Македонија ја загубила довербата затоа што на познати криминални структури од регионот им биле доделувани македонски патни исправи со што тие го изигрувале системот на Интерпол на земјите членки на ЕУ.

Во СДСМ за овој случај го повторија ставот, ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски откако не успеа да ја саботира акцијата, се обидува да ја префрли одговорноста на институциите кои ја спроведуваат акцијата и постапуваат согласно законите. Од партијата велат дека Министерство за внатрешни работи, истрагата за пасошите ја води подолг период бидејќи се преземаат дејствија кои имаат и меѓународни импликации.

Во Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека со аферата со пасошите јасно се докажува фактот дека дел од самата полиција се инволвирани во фалсификување и снабдување со државјанства и пасоши на странски лица за кои има меѓународна потерница.

Во делегација на ЕУ во земјава сметаат дека аферата со лажните пасоши е одделно прашање кое не е поврзано со безвизниот режим на земјава со ЕУ. Евроамбасадорот Гир ги повика Министерството за внатрешни работи и институциите кои се дел од правосудниот систем да се справат со случајот. Гир вели дека нема да коментираат тековни истраги во МВР.

МВР реализираше полициска акција под кодно име Двојник во која беа уапсени службеници од пасошкото одделение, само еден ден откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обелодени за случаи на криминалци кои се здобиле со македонски пасоши со украден идентитет. Десетмина од нив се вработени во службите на МВР за издавање пасоши, додека едно лице е посредник. Сите се гонат за злоупотреба на слуќбената положба и овластување.

 

Игор Панов