Протест

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ по четврти пат на протест пред МЗ

10.04.2021 15:49

Вакцини нема, болниците се преполни, а преживуваат само оние граѓани кои може да платат, рекоа учесниците на протестот. Од опозициската партија потсетија и дека според извештајот на економист, Македонија се наоѓа на трето место во светот според смртноста од Ковид...

Под мотото „Да го измиеме срамот на Филипче и Заев“, опозициската ВМРО-ДПМНЕ по четврти пат на протест пред министерството за здравство. Со едноминутен молк оддадена почит на починатите од Ковид, а потоа револтот беше изразен со фрлање на балони со вода кон зградата на министерството. Од опозициската партија бараат оставки, но и одговорност, а го критикуваа и тоа што од прозорецот на зградата на министерството, едно лице со камера го снимаше протестот. Од ВМРО-ДПМНЕ велат – наместо да се растрчаат низ светот и да бараат вакцини, нив приоритет им е да не снимаат, додека македонските граѓани понижени чекаат по гранични премини за да се вакцинираат во соседните држави.

Вакцини нема, болниците се преполни, а преживуваат само оние граѓани кои може да платат, рекоа учесниците на протестот. Од опозициската партија потсетија и дека според извештајот на економист, Македонија се наоѓа на трето место во светот според смртноста од Ковид.

Од опозициската партија им се заблагодарија на здравствените работници, за кои, како што рекоа, голораки успеваат да спасат човечки животи, но и да го трпат неспособниот министер. Од министерството за здравство, пак, реагираат дека е тажно што ВМРО-ДПМНЕ се обидува политички да профитира во време на криза. Оттаму велат дека беспрекорно е организацијата на масовната имунизација и оти опозициската партија прави штета со тоа што протестира и се групира во време на рестриктивни мерки.

 

Марија Котовска