Продолжува вакцинацијата, до крајот на месецов треба да стигнат околу 300 илјади вакцини
Здравствените власти очекуваат до крајот на месецов, во земјава да стигнат околу 300 илјади вакцини, од нив најголем дел од Кина...

Воспитувачки и негувателки од градинки од целата држава се вакцинираат против коронавирусот во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во А1 арената. Со нив, доза „Спутник“ примија и вработени во противпожарната бригада. Кон крајот на идната недела се очекува да заврши вакцинацијата на приоритетните групи, откако ќе бидат покриени и вработените во обвинителството, судовите, инспекциските служби, медиумските работници.
Здравствените власти очекуваат до крајот на месецов, во земјава да стигнат околу 300 илјади вакцини, од нив најголем дел од Кина.
-Имавме многу случаи кога родителите беа позитивни и секојдневно имаме контакти со родители и мораме да се заштитиме некако, ризик е и тоа голем ризик од децата и затоа моравме да се заштитиме. Едно дете да имаш болно во градинка, градинката треба да се затвори ризикот е голем, ние сме подложени на ризици со децата постојано и така ова е еден начин за да бидеме малку послободни и во контакти и во се предлагам на сите да се вакцинираат не е ништо страшно, изјавија граѓани.
Паралелно, во здравствените пунктови во главниот град тече и имунизацијата на граѓаните повозрасни од 77 години. Веќе од понеделник, возрасната граница ќе почне да се намалува.
-Ќе почне да се намалува на 75 години, мислам дека матичните лекари веќе имаат право да им закажат термин, верувам дека границата ќе оди и пониско сè зависи каков ќе биде интересот и како ќе имаме на располагање вакцини. Има и такви пациенти коишто различни причини не можеле да дојдат на својот термин некогаш немало кој да ги донесе, ниту како да дојдат, на тие пациенти им важи терминот седум дена и покасно можат да дојдат ќе најдеме начин да ги излеземе во пресрет без никаков проблем, изјави Д-р Сања Цилевска Младеновска – општ лекар.
Болка и оток на местото на апликација на вакцината, во поретки случаи се јавува и покачена температура, засега други посериозни несакани реакции не се пријавени.
Продолжува имунизацијата на вработените во критичната инфраструктура со вакцините на „Спутник“, додека пак повозрасните граѓани ја примаат вакцината на АстраЗенека. Досега во земјава вакцина против Ковид примиле дваесетина илјади граѓани.
Андријана Атанасовска
