Од пливањето останаа само историските документи
Охрид веќе одамна не се вбројува помеѓу македонските пливачки центри. Градот кој во минатото беше познат во светот по врвните пливачи веќе одамна нема ниту еден натпреварувач кој би го претставувал на некое позначајно натпреварување. На охриѓани во моментот само им останува со носталгија да се сеќаваат на славното минато низ документацијата во историскиот архив која можеби ќе биде поттик пливањето да се врати на вистинските патеки …

Охрид пред повеќе децении покрај како духовен, културен и туристички центар беше препознатлив и по врвните пливачи кои му донесоа светска слава. И иако охриѓани сè уште се гордеат што дел од историјата на градот биле Дики и Атина Бојаџи, Климе Савин и други познати имиња од тој период, сепак може да се каже дека е уништена една голема традиција бидејќи пливањето веќе со децении не е дел од спортската мапа на Охрид. За големите натпреварувачи сега говорат само документите во охридскиот историски архив.
„Во архивот за тоа сведочи фондот на познатиот Александар Леко Радич, тренер, пливач, основоположник на она што претставува модерно пливање во нашата земја и сета онаа документација која ја презедовме со неговиот фонд навистина буди не само носталгија туку и чувства како треба да се однесуваме кон она што претставува спортска култура“, изјави Никола Митровиќ, раководител на историски архив Охрид.
Охриѓани со носталгија се сеќаваат на старото градско пливалиште коешто сега може да се види само на старите фотографии или во некој документарен филм од пред неколку децении.
„Многу одговори за иднината лежат во историјата, во минатото. Токму еден таков одговор за спортот во градот Охрид лежи низ документацијата на Александар Леко Радич, односно тука се темелите како може да се постави ден денес една наредна пливачка школа,еден значаен ватерполо клуб“, изјави Никола Митровиќ, раководител на историски архив Охрид.
Од историскиот архив најавуваат дека наскоро ќе изработат картотеката на членски книшки на пливачкиот и ватерполо клуб „Охридски Бранови“ каде што ќе се најдат имињата на многу видни охриѓани. Можеби тоа ќе биде поттик градот да преземе иницијатива за пливањето да го добие местото што го заслужува.
Сашо Нелоски