Бразилските болници пред колапс
Ковид-19 усмрти речиси 3700 во едно деноноќие. Досега битката ја загубиле 350 илјади лица. Бразил е на второто место, веднаш зад САД во однос на бројот на жртви...

Бразилските болници пред колапс. Ковид-19 усмрти речиси 3700 во едно деноноќие. Досега битката ја загубиле 350 илјади лица. Бразил е на второто место, веднаш зад САД во однос на бројот на жртви. Претседателот Жаир Болсонаро и натаму одбива да ја затвори земјата. Врховниот суд му нареди на Сенатот да почне истрага за постапките и одлуките на владата во однос на пандемијата. Имунизацијата не се спроведува според планираното.
Немаме влада која знае да се однесува како што треба, па постојано состојбата се влошува, скоро 4000 починати дневно е премногу. Загрижувачки е за сите, имам деца, внуци. Ако нема вакцини, ќе биде полошо, изјави граѓанин.
Сериозно е, мислам дека треба да се затвори сè. Доколку се обединат претседателот и гувернерот, ќе се подобри имунизацијата зашто во споредба со другите земји, ние вакцинираме брзо, но имаме големо население, изјави граѓанин.
По случајот на „АстраЗенека“, европските регулатори истражуваат дали и „Џонсон и Џонсон“ којашто е направена со слична технологија, предизвикува згрутчување на крвта. СЗО не препорачува имунизација со две различни вакцини кога се потребни две дози. Поради мутациите, ЕУ ќе почне преговори за набавка на 1,8 милијарди дози од т.н. „втора генерација“ вакцини. Од рускиот институт „Гамалеја“ изјавија дека „Спутник“ е ефикасна против британскиот вид, но не и против јужноафриканската мутација. Русите планираат оваа вакцина да се произведува и во Германија. Американската компанија „Фајзер“ бара дозвола за употреба на вакцината и кај деца постари од 12 години, а почната е клиничка студија за бебиња постари од 6 месеци. Во Њујорк овие дози се употребуваат и кај тинејџерите.
Се плашев, бев внимателен, секогаш со маска, дури и со најблиските пријатели и роднините. Стравот постоеше постојано. Во вакцината верував од самиот почеток, родителите и сестра, која е медицинска сестра, се вакцинираа. Се радував што се движиме кон враќање на нормалното, изјави тинејџер.
Досега се регистрирани 133,5 милиони заразени и 2,8 милиони смртни случаи од коронавирусот.
Маја С. Филдишев
