Епидемиолошката состојба сѐ уште неповолна, можно стабилизирање за две до три недели
Благ пад на новозаразени има, но епидемиолошката состојба е сѐ уште неповолна. Притисокот врз болниците голем, бројката на починати е над 30 на дневно ниво. Почеток на стабилизирање може да се очекува за две до три недели, и по масовна вакцинација олабавување нема, вирусот ќе биде присутен, предупредуваат епидемиолозите...

Третиот бран на коронавирусот сѐ уште коси. Болниците се полни со пациенти, а смртноста на дневно ниво се брои во десетици жртви. Моменталната епидемилошката состојба сѐ уште е неповолна – оценува епидемиологот Сашо Олумчев. Стабилизирање и намалување на бројот на новозаразени може се очекува за две до три недели.
Со масовната вакцинација, првични резултати може да се очекуваат за три месеци, но под услови ако не се појави Бразилскиот сој на коронавирусот, додава доктор Олумчев.
Британскиот сој на коронавирусот е многу позаразен, предизвикува потешки симптоми, а загрижува фактот дека се шири меѓу младите. Голем дел од пациентите доцна бараат лекарска помош, па затоа и смртноста е голема.
Околу 1.700 граѓани се на болничко лекување поради компликации од коронавирусот. Освен во скопските болници и ковид центри каде се лекуваат повеќе од 700 пациенти, состојбата е критична и во Куманово, Битола, Охрид и Прилеп каде има повеќе од 100 хоспитализирани.
Од Министерството за здравство велат дека вирусот е непредвидлив, па иако има пад на новоинфицирани и намалување на бројот на хоспитализации, како и на фактор за пренос, претпализо ја следат состојбата.
Андријана Атанасовска
