Свет

Иран: Инцидент во нуклеарниот погон во Натанз, нема повредени

11.04.2021 14:03

Инцидент во нуклеарен погон во Иран. Проблем во електродистрибутивната мрежа ја прекина работата на централата во Натанз неколку часа откако беа активирани центрифугите за забрзано збогатување ураниум. Модернизираните модели се забранети со одредбите на Нуклеарниот пакт...

Инцидент во нуклеарен погон во Иран. Проблем во електродистрибутивната мрежа ја прекина работата на централата во Натанз неколку часа откако беа активирани центрифугите за забрзано збогатување ураниум. Модернизираните модели се забранети со одредбите на Нуклеарниот пакт кој е повторно на маса со цел САД да се вратат во Спогодбата, а Иран – на почитување на обврските. Ова е дел од серијата отстапки на Техеран по воведените санкции од Вашингтон. Во јануари почна да го облагородува ураниумот и до 20-процентна чистост, што е чекор до нивото потребно за создавање на нуклеарно оружје – потег кој иранската влада постојано го негира.

„Имаше прекин на електричната енергија, не ја знаеме причината за дефектот, водиме истрага. За среќа, нема жртви ни штета, а нема ни загадување ни некој друг проблем“, изјави Бехруз Камалванди, портпарол на Иранската организација за атомска енергија.

Натанз е клучна локација за програмата и е под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија. Лани во јули се случи неразјаснета експлозија, која според властите, била обид на Израел да ја саботира нуклеарната програма на својот главен регионален непријател. Еврејската држава беше обвинета и за убиството на научникот кој ја создаде воената програма во ова поле. Израел не презеде одговорност за ниту еден од нападите, но во последните неколку недели, премиерот Бенјамин Нетанјаху ја заостри реториката кон исламската држава за кој тврди дека е сериозна закана за безбедноста на Блискиот исток. Нуклеарната програма на Иран е високо на агендата на американскиот министер за одбрана Лојд Остин кој деновиве е во посета на Израел, како прв претставник на новата администрација на Вашингтон која се обидува да го заживее дијалогот со Техеран и да се спаси Пактот од 2015 година.

 

Маја С. Филдишев