Субвенции за комуналии за социјално загрозени граѓани во Куманово
Заврши рокот за поднесување барања за субвенционирање на комунални сметки во Општина Куманово. Шест категории, социјално загрозени граѓани ќе добијат субвенции за комунални трошоци за вода и смет. За оваа намена општината одвои 10 милиони денари.

Општина Куманово и годинава ќе додели субвенции за комунални сметки за социјално загрозени граѓани. Завршен е рокот за поднесува барања, а до Секторот за социјална заштита веќе пристигнале 500 пријави. Оваа година опфатот на ранливите категории беше проширен, па субвенции ќе користат самохрани родители, стечајни работници, згрижувачки семејства, деца без родители и родителска грижа, лица над 65 години приматели на социјална пензија и глуви и слепи лица.
„Овие категории Општина Куманово, како категории кои што спаѓаат во ризични, маргинализирани групи реши да ги субвенционира со помош за комунални трошоци за смет и вода. Ние имавме досега два јавни повици, во јануари и февруари, и бидејќи ја проширивме лепезата на категориите, од прилика има околу 500 до 550 лица кои имаат поднесено барање, сите ги исполнуваат одлуките“, изјави Цоки Ристовски, раководител Сектор за социјална заштита.
Овие ранливи категории општината ќе ги субвенционира за комунални сметки за вода и смет.
„Оваа криза остава некои последици во поголем или помал обем затоа и општината оваа година одлучи да ги зголеми и прошири сувенциите, имаме категории на граѓани кои сме ги субвенцирале подолг период со надеж дека кога ќе се подобри состојбата тие ќе излезат од овие ризични категории“, дополни Ристовски.
Општината Куманово за оваа намена одвои 10 милиони денари.
Елена Георгиевска
