Спасувачите бараат државно тело
Една година официјално, а 10-ина години дејствува волонтерски прилепската спасувачка служба „Златоврв“. Ковид годината ги натера членовите главно да им помагаат на граѓаните во секојдневието, но стигнуваат и повиците да му се помогне на повреден во непристапен терен. Од спасувачката служба апелираат што побрзо да се формира и опреми државно тело за спасување. Може да се користат искуствата на другите...

Лекови, намирници, помош во ковид ситуации, но и да се стигне до непристапен терен, да се извлече повреден. Вака помина првата, официјална година на прилепската спасувачка служба „Златоврв“, а која на теренот дејствува 10-ина години. Спелеологот Дарко Неданоски, кој е на чело на службата вели - не постои „НЕ“ за помошта.
Во земјава се неколку вакви здруженија кои волонтерски, со своја опрема и возила излегуваат да помогнат. Крајно време е, апелираат, да се оформи државно тело. Во комуникација се со институциите, но и со ваквите служби во другите земји. За да се споделат искуствата.
Педесеттината членови на прилепската спасувачка служба „Златоврв“ со два тима за спасување на копно и во вода, постојано се во исчекување на повикот за помош. Во пандемиското секојдневие или од природна непогода.
Елизабета Митреска
