Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за „Двојник“
Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за полициската акција „Двојник“, или како што ВМРО-ДПМНЕ ја нарекува „Афера Мафија“. Оттаму денеска објавија дека лажни македонски пасоши завршиле и во раце на борци на ИСИС. Побараа и кривична и политичка одговорност. Се огласи и Владата. Оттаму ги демантираа изнесените тврдења и побараа Обвинителството да ги расчисти обидите за саботажа на полициската акција...
Продолжение на аферата со издавање лажни македонски пасоши. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со нови детали - од македонското МВР, пасош во 2018-та добил и косовскиот државјанин Фитим Дема, член на терористичката ИСИС.
Покрај тоа што бил осуден во судот во Приштина и баран со потерница за издржување казна затвор за учество во терористичка група, тој некако успеал да добие македонски пасош, но бил откриен и уапсен во Валона, Албанија во обид да пребега во Италија, велат од опозициската партија, од каде бараат оставки.
И додека опозицијата тврди дека издавањето македонски пасоши е со знаење на највисоките структури од власта со крадење на идентитети, владејачката СДСМ со контра напад дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ стојат цврсто на браникот на криминалот и се обиделе да ја саботираат акцијата „Двојник“. Од СДСМ бараат истрага против Мицкоски.
На опозициските тврдења реагираше и Владата. Брутална лага со цел да се манипулира јавноста се тврдењата на Милошоски дека премиерот Заев и министерот Спасовски делеле пасоши на терористи од ИСИС. Од Обвинителството, Владата очекува да расчисти со обидот за саботажа од опозициската партија- пишува во владиниот допис.
Миле Ристески
