Ковид-19

Досега вакцинирани над 24.000 граѓани

11.04.2021 16:05

Според последните податоци на Министерството за здравство, досега во земјава се вакцинирани повеќе од 24 илјади луѓе. Процесот продолжува со приоритетните групи и со повозрасните граѓани. Утре на ред се новинарите и медиумските работници. Министерот Филипче со апел, граѓаните масовно да се пријават зошто тоа е патот до стекнување колективен имунитет...

Во Македонија досега се вакцинирале над 24.000 граѓани. Постепено се зголемува интересот кај граѓаните. Досега за имунизација се пријавени околу 138.000. Министерот Филипче повика на масовност за да се стигне до колективен имунитет. 

Од понеделник продолжува вакцинацијата на приоритетните категории. Утре во арената „Борис Трајковски“ ќе се вакцинираат медиумските работници и новинарите.

Од нив, во овој прв круг, вакцина ќе примат 631 лице, односно оние што ги исполниле условите, а тие се старосна граница над 40 години или постоење на хронично заболување.

Останатите заинтересирани што не ги исполнуваат условите или се пријавиле после истекот на рокот, ќе бидат земени предвид во вториот круг. Паралалено, продолжува вакцинацијата на другите приоритетни групи и на повозрасните граѓани на пунтовите во здравствените домови.

Во меѓувреме, желбата да се ужива надвор на пролетното сонце и топлото време се чини  го надминува стравот од коронавирусот. И покрај пандемијата, градскиот парк преполн. Дел од граѓаните носеа заштитна опрема, други не. Со поделени ставови се и во однос на вакцинацијата.

Од Министерството за здравство велат дека јавноста навремено ќе биде информирана кога ќе пристигнат новите пратки вакцини.

 

Марија Котовска