Од 706 пријавени, 540 компании аплицираат за прв пат на јавните повици на ФТИР
Од 706 пријавени на јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст, дури 540 се компании кои аплицираат за прв пат на некој од јавните повици на ФИТР, додека 207 се стартап компании...

Од 706 пријавени на јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст, дури 540 се компании кои аплицираат за прв пат на некој од јавните повици на ФИТР, додека 207 се стартап компании, покажува првичната анализа на Фондот за иновации и технолошки развој.
„Горд сум што и во време на глобална пандемија добивме рекорден број доставени апликации во однос на било кој досегашен јавен повик кој го спроведува ФИТР. Тоа што 540 од нив аплицираат за прв пат, а компаниите се подготвени да инвестираат околу 27 милиони евра, покажува дека ја постигнуваме целта, во ФИТР да гледаат партнер од доверба при реализирање на иновативните решенија и можностите да се справат со предизвиците со кои се соочуваат“, изјави Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, на денешната презентација.
Тој додаде дека еден од главните фокуси на ФИТР е позиционирањето на Северна Македонија како регионален стартап хаб и затоа охрабрува што од вкупниот број на аплицирани, 207 се стартап компании.
Анализата покажува дека во однос на стартап апликантите, 171 од нив се со старост до 3 години, додека пак 105 работат до 6 години.
Вкупиот обем на инвестиции од предлог-проектите изнесува 63 милиони евра, од кои речиси 27 милиони би биле влог на компаниите, додека од ФИТР побаруваат 36 милиони евра.
