Имунизација

Се вакцинираат новинарите и медиумските работници

12.04.2021 13:00

Од изутринава на пунктовите во спортскиот центар „Борис Трајковски“ почна имунизацијата на медиумските работници со руската вакцина „Спутник В“. Министерот Филипче очекува намалување на бројот на инфицирани и најави измени во регулативата со што ќе се ограничат цените за лекување болни со Ковид- 19 во приватното здравство...

Новинари, сниматели, фоторепортери, монтажери и останатите медиумски работници – околу 600 колеги од струката утрово ја примија вакцината „Спутник“ во спортската арена „Борис Трајковски“. Дел од колегите кои се вакцинираа велат -имунизацијата е единствениот начин за побрзо и побезбедно надминување на пандемијата. Нивната порака е- граѓаните не треба да имаат дилема.

Приоритет за вакцина добија медиумските работници над 40 годишна возраст и оние со хронична болест. Останатите заинтересирани ќе бидат вакцинирани во наредната група за имунизација.

Утре завршува вакцинацијата на вработените во критичната инфраструктура. Со останатите вакцини „Спутник“ ќе продолжи имунизацијата на населението во вакциналните пунктови.  Министерот за здравство Филипче најави дека денеска ќе пристигне и донација од 2.000 кинески вакцини од Обединетите Емирати.

Главниот координативен кризен штаб до Владата ќе поднесе измени на Законот за здравствена заштита со кои на приватните болници ќе им се ограничуваат цените за лекување на пациенти со ковид за време на вонредна состојба.

Паралелно во здравствените пунктови тече и вакцинацијата на граѓаните над 77 години со дозите на „Астра Зенека“. Според надлежните, досега во земјава вакцина против ковид примиле повеќе од 24 илјади граѓани.

 

Андријана Атанасовска