Свет

Иран: Несреќата во Натанз е терористички чин

12.04.2021 13:20

Несреќата во подземната нуклеарна постројка во Натанз е терористички чин, соопшти официјален Техеран. Побара, меѓународната заедница да преземе соодветни чекори против напаѓачите, за што израелските медиуми го обвинија Мосад...

„Несреќата во подземната нуклеарна постројка во Натанз е терористички чин“, тврди шефот на иранската програма, Али Акбар Салехи. Од светските сили и Меѓународната агенција за атомска енергија побара да ги преземат соодветните чекори против овој тип напади откако израелски медиуми  потврдија дека разузнавачката служба Мосад извршила кибернетички напад врз постројката. Еден ден претходно во Натанз беа активирани модернизирани центрифуги за збогатување ураниум. Техеран дециден – нуклеарната програма е наменета исклучиво за мировни цели.

„Иран го задржува правото да преземе мерки против нарачателите, извршителите и помагачите на овој нуклеарен тероризам. Нападот е доказ за неуспехот на противниците на индустрискиот и политичкиот прогрес на земјата“, изјави Али Акбар Салехи, шеф на иранската нуклеарна програма.

„Задоволен сум што нема човечки жртви и загадување на животната средина. Одмаздата на Иран за ционистите ќе биде во вистинско време и на вистинско место. Сите центрифуги кои се дисфункционални се од типот ИР-1. Тие ќе бидат заменети со понапредните верзии“, вели Саед Катибзадех, портпарол на иранското МНР.

Според проценките, за санирање на штетата ќе бидат неопходни најмалку девет месеци. При проверка на објектот е повреден портапролот на Иранската агенција за атомска енергија.

„Ова е постојана битка, ќе бидеме истрајни, верувам дека ќе победиме. Да не се сомнева никој. Имам 40-годишно дипломатско искуство и во индустријава сум осум години. Таа е стабилна и на цврсти темели така што нема да ја потресуваат вакви ветришта“, изјави Беруз Камалванди,  портпарол на Иранската агенција за атомска енергија.

Еврејската држава без коментар за нападите, но и натаму тврди дека нејзиниот главен регионален противник е закана за Блискиот Исток. Инцидентот се случува во период кога се прават обиди САД да се вратат во Пактот од 2015 година, а Иран – на почитување на обврските.

„Ќе соработуваме со нашите американски сојузници за да имаме гаранција дека новиот договор со Иран ќе го исполни суштинскиот интерес на светот, на САД, а тоа е спречување на опасната трка за оружје во нашиот регион и заштита на израелската држава“, рече Бени Ганц, министер за одбрана на Израел.

И покрај тензиите, Техеран не покажува знаци за повлекување на амбициозната програма. Државната телевизија промовираше музичко видео за постигнатите успеси во полето на нуклеарната енергија во коешто им се оддава почит на убиените научници и се најавуваат нови победи во оваа високоризична област.

Маја С. Филдишев