Економија

Ќе заживее ли индустриската зона во Куманово?

12.04.2021 14:15

Корона кризата го спречи развојот на новата индустриска зона во кумановско Речица. Од општината тврдат интерес има и кај домашни и кај странски инвеститори. До крајот на мај е планирана и јавна презентација за 50-те парцели со кои што го располага оваа зона, наменети за лесна и незагадувачка индустрија. Зоната се гради веќе 10-ина години, а од неодамна доби пристапна инфраструктура. Но, на локацијата засега има само две фабрики...

Десетина години трае развојот на првата индустриска зона во кумановско Речица. Претходно различните политички убедувања на локалната и централната власт, сега корона кризата се причини за забавениот развој. Интерес, надлежните тврдат има и од домашни и од странски инвеститори.

Сместена на атрактивна локација, во близина на автопатот „Пријателство“, на само пет километри од српската граница и близу двата коридори 8 и 10. Урбанистички уредена за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици, хотелски комплекси, но не развиена. Слободни дури 50 парцели, со различна голема и цена. Пред година и пол со средства на државата се изгради пристапниот пат, водоводна, фекална и атмосферска канализација, со што се создадоа услови за нејзин развој. Но, на локацијата засега има само две фабрики, една за лесна хемиска индустрија, другата за производство на марихуана.

„Потенцијалите на оваа индустриска зона се големи, планот беше минатата година да пуштиме дел од парцелите на јавно надавање, за потенцијалните инвеститори, сега научивме да живееме со ковид кризата, животот може да продолжи. Верувам дека до крајот на мај ќе организираме јавна презентација за одреден број парцели и ќе видиме каков ќе биде интересот“, вели градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Индустриската зона Речица во кумановско, е со површина од 65 хектари. Досега јавното надавање го спроведуваше Министерството за транспорт и врски. Цената е различна, а почетната за земјиште за лесна индустрија е 61 денар од метар квадратен, за хотелски комплекси  283 денари и за големи трговски центри 800 денари. Инвеститорот има обврска во рок од 10 години да го изгради објектот, а нема право да ја продава градежната парцела.

Елена Георгиевска